ФИФА: за големи дела потребни се храбри чекори
4 декември 2015 Премногу нешта се отидени во погрешна насока во ФИФА, за да можете одеднаш да кажете: Одлично, реформите кои треба да бидат усвоени на конгресот во февруари, се голем чекор. Како и при секои реформи и за овие треба да причекаме и да видиме дали ќе се преточат во реалноста. Сепак, а тоа за ретро-фирма како ФИА е голем чекор, некои одамна потребни промени се на пат да бидат реализирани.
Претседателот во иднина ќе смее да владее само 12 години, се уште долго време, но барем не е неограничено. И на досегашната семоќност на Извршниот комитет, кој и ги отвораше вратите на корупцијата, и доаѓа крајот. Не само што Комитетот во иднина ќе се вика поинаку- Совет, туку и ќе има помали овластувања. Како и досега овој гремиум ќе одлучува за генералните спортски правци на федерацијата. Но дневните обврски, во прв ред финансиските, во иднина ќе ги преземе генералниот секретаријат. Таму, а тоа го признаваат и критичарите на ФИФА, седат стручни луѓе кои се грижат за тоа топката да продолжи да се тркала, и во фигуративна смисла. Да не беа тие, кулата од карти наречена ФИФА веројатно одамна ќе се распаднеше. Одлуката моќта да се префрли во ова тело е добра.
Но реформскиот предлог остава и многу отворени прашања. Како ќе се осигура дека комисиите на ФИФА ќе бидат навистина „независни“ а не наштелувани според интересите на сојузите? Зошто ФИФА не дозволува нејзината работа да биде надгледувана од независна надворешна институција, наместо од внатрешните органи? Зошто отпадна границата од 74 години за членовите на Советот? Овие неодговорени прашања ја оставаат дилемата дали реформската комисија или Извршниот комитет се уште ги кочат реформите. И тоа не носи до една многу деликатна точка.