1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА на пат да го откаже СП во Катар?

Д.Кауфман/Б. Георгиевски5 јуни 2014

Доделувањето на Светското фудбалско првенство во 2022 на Катар беше спорно уште од почетокот. Сега се појавуваат и нови тврдења дека гласањето било купено. Дали ФИФА ќе ја повлече својата одлука?

Фотографија: picture alliance/Frank Rumpenhorst

Се чини дека ФИФА сериозно размислува да ја повлече својата одлука за организација на Светското првенство во 2022 година во Катар. Причина се медиумските извештати дека гласањето било купено. Во ноември 2010 година, кусо пред конечната одлука за доделувањето на организацијата, наводно фудбалскиот функционер Мохамед Бин Хамам на функционерите на ФИФА им исплатил околу 3,7 милиони евра за да гласаат за неговата земја.

Германскиот член на Извршниот одбор на ФИФА и поранешен претседател на фудбалскиот сојуз на оваа земја, Тео Цванцигер, за весникот „Ханделсблат“ изјави дека „се‘ друго е сигурно, освен дека СП ќе се одржи во Катар“. Изјавите на Цванцигер имаат тежина бидејќи тој се смета за близок соработник на претседателот на ФИФА, Сеп Блатер. А токму тој во едно интервју за швајцарска телевизија годинава призна дека доделувањето на организацијата на Катар „било грешка“.

Емиратот на Катар молчи во врска со обвинувањата за мито. Институциите „за тоа не знаеле ништо, а што правел Бин Хамам, тоа не нѐ интересира“, велат во Катар. Германскиот новинар Флоријан Бауер, кој повеќепати го посетил Катар и известувал за подготовките на земјата, смета дека се работи за проѕирна тактика на властите во таа земја.

Сѐ до поднесувањето оставка на сите функции, Бин Хамам беше претседател на Катарскиот фудбалски сојуз, претседател на Азиската фудбалска федерација и член на Извршниот одбор на ФИФА. Тој има добри врски во својата земја, вели Бауер. „Тој има многу добри односи со последниот емир и потекнува од угледно семејство“. Дека Бин Хамам работел на своја рака и без знаење од кралското семејств, Бауер не може да си замисли.

Мохамед Бин ХамамФотографија: picture alliance/AP

Резултати од етичката комисија

Актуелната етичка комисија на ФИФА го истражува случајот. Тоа тело на ФИФА беше основано за да се спротивстави на сѐ почестите корупциски скандали во фудбалската организација. Комисијата во 2011. се погрижи Бин Хамам да биде суспендиран поради повреда на етичкиот кодекс на ФИФА, а подоцна му беше изречена и доживотна забрана за вршење функција.

Историчарот Кај Шилер од британскиот Универзитет во Дурхам, го истражувал работењето на ФИФА и не е изненаден од обвинувањата за корупција. „Доколку имате некој како Џек Ворнер или други функционери во чии земји подмитувањето е вообичаено, тогаш тоа е тешко да се контролира“. Џек Ворнер, функционер од Тринидад и Тобаго, во 2011. беше суспендиран заедно со Бин Хамам.

За таквите случаи во иднина поделотворно да се спречуваат, ФИФА мора да стане „подемократска, да воведе квоти за жени и да има повеќе актуелни играчи во своите тела“, вели Шилер.

„Со работата на етичката комисија некои нешта се подобрија, но тоа ни оддалеку не е доволно“.

Дали е Блатер чист?

Во пресрет на турнирот во Бразил, ќе биде донесена прелиминарната одлука за Катар. Притоа, многу нешта ќе зависат од етичката комисија. Доколку таа се изјасни за одземање на правото на организација, ФИФА би можела да донесе одлука за нов домаќин во текот на следната година.

Сеп БлатерФотографија: Reuters

Флоријан Бауер е убеден дека тоа нема да се случи. Мохамед Бин Хамам има средства со кои може да го уценува Сеп Блатер, вели тој. „Хамам знае некои работи за тоа како Блатер ја водеше кампањата за претседател и како победи на гласањето - средства кои не секогаш биле легитимни“, вели Бауер. Доколку не се исполни сонот на Бин Хамам на својата земја да и‘ донесе светско првенство, тогаш тој нема повеќе причини да молчи.

Од друга страна, Блатер веќе преживеа неколку кризи и обвинувања за корупција без последици. Тој веројатно се надева дека тоа повторно може да му појде од рака, а можно е едно сценарио: при доделувањето на СП 2022 на Катар, за тоа не се изјасни Блатер, туку претседателот на УЕФА, Мишел Платини. Французинот е познат како критичар на Блатер, и сака да го наследи на функцијата. Оттука прашањето е кого повеќе би го погодиле обвинувањата за корупција - Блатер или Платини?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми