ФИФА ќе го бира наследникот на Блатер на 26 февруари
20 јули 2015 Вонредниот конгрес на ФИФА, свикан на 26 февруари со присуство на сите 209 сојузи ќе одлучува за наследникот на Швајцарецот Сеп Блатер на функцијата.
Одржувањето на конгресот ќе се случи подоцна од очекувањата, особено што европското фудбалско тело- УЕФА инсистираше на гласање во декември годинава.
Статутот на ФИФА одредува дека кандидатите треба да имаат поддршка од најмалку 5 сојузи и мора да ја најават својата кандидатура најмалку четири месеци пред гласањето, што значи дека крајниот рок за номинациите е 26 октомври.
Блатер најави дека се повлекува од функцијата на 2. јуни, само два дена откако го доби и четвртиот по ред мандат на конгресот кој беше засенет со апсењето на седум членови на највисокото извршно тело на ФИФА.
Претседателот на УЕФА, Мишел Платини се споменува како главен фаворит, а извор во европското фудбалско тело тврди дека Французинот веќе ја добил поддршката на 4 од вкупно 6 регионални конфедерации кои го сочинуваат костурот на ФИФА.
Платини се уште не одлучил дали ќе се кандидира, а изворите велат дека одлуката ќе биде донесена во следните десетина дена.
Досега единствено бразилската фудбалска легенда Зико ја најави својата кандидатура за престижната функција, а според непотврдени информации, за такво нешто размислува и Диего Марадона.
ФИФА со години е опкружена со корупциски скандали и обвинувања кон нејзините водечки функционери. Состојбата ескалираше за време на конгресот во Цирих во мај годинава кога швајцарските власти уапсија седуммина функционери, меѓу нив и потпретседателот Џефри Веб.
Веб е веќе екстрадиран во САД каде е обвинет за заговор за рекетирање, измама и перење пари. Тој се изјасни за невин по обвинувањата, а судот во саботата го ослободи од притвор со кауција од 10 милиони долари. Вкупно 14 фудбалски функционери и спортски работници се обвинети од американското министерство за правда за различни престапи.
Блатер веќе најави дека нема повторно да се кандидира за функцијата, но нешто слично најавуваше и порано па го прекршуваше ветувањето. Овојпат таков пресврт е малку веројатен.