1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фицо пред нов мандат на бранот анти-имигрантска реторика

Јан Вилоуби/БГ5 март 2016

Словачкиот премиер Роберт Фицо е пат да биде реизбран благодарение на жестокото противење на имиграцијата. Набљудувачите во него повеќе гледаат прагматичар, отколку популист како Виктор Орбан во Унгарија.

Фотографија: Imago/Xinhua

Централно-левата Смер партија на словачкиот премиер Роберт Фицо е на пат да освои уште мандат на денешните избори. Последните анкети покажуваат дека партијата ужива поддршка од 32,5 проценти од граѓаните, наспротив опозицијата која може да смета на помалку од половината од таа бројка.
Фицо, 51-годишен поранешен член на Комунистичката партија, е еден од најгласните критичари на планот на ЕУ да релоцира 160 илјади бегалци. Притоа, неговата тужба против планот пред Европскиот суд на правдата, ги наведе Европските социјалисти да се заканат со исфрлање на Смер од групацијата.

Малата Словачка, со население од 5,4 милиони луѓе, минатата година регистрирала само 330 баратели на азил. Сепак, и покрај тоа што неговата земја не е популарна дестинација меѓу бегалците, не го запре Фицо да иницира цел фронт со анти-имигрантска политика и да ја насочи целата кампања кон таа тема со цел да добие и трет мандат на функцијата.

Билбордите на Смер ширум земјата порачуваат „Ние ја штитиме Словачка“, а партискиот лидер ја користи секоја можност за да говори пртоив имиграцијата.

По нападите на Новогодишната ноќ во Келн, Фицо предупредуваше дека нешто слично може да им се случи и на „нашите жени“, а за еден весник изјави дека нема да дозволи создавање на „компактна, затворена муслиманска заедница“ во Словачка која ќе биде „голема закана за европскиот начин на живот“.

Протести во Братислава против доселувањетоФотографија: picture-alliance/Xinhua/A. Klizan

Атмосфера на страв

Лусиа Најслова, словачкиот уредник на регионалниот портал „В4 Ривју“ вели дека јазикот кој го користи Фицо има погубно влијание. „Тој придонесе кон атмосферата на страв во Словачка, означувајќи ја миграцијата како закана“, вели таа.
Аналитичарот Самуел Абрахам од Меѓународната школа за либерална уметност од Братислава вели дека пристапот на Фицо не е само кампањски трик. „Тоа е неговата стратегија за победа на изборите, но и дел од неговата агенда. Тоа е вистинската природа на Фицо“, вели Абрахам.

Откако рејтингот на Смер достигна речиси 40 проценти преку форсирањето на антиимигрантскиот речник, во меѓувреме тој опаѓа затоа што и другите словачки партии усвоија слични позиции во врска со мигрантите. Паѓањето на поддршката би можело да значи дека, за разлика од 2012 година кога Фицо успеа да формира еднопартиска влада, овојпат ќе мора да коалицира. Негов прв избор за партнер се очекува да биде Словачката национална партија (СНС), со која веќе коалицираше од 2006 до 2010.
СНС е екстремно националнистичка групација чиј лидер, Јан Слота беше познат по анти-унгарските и анти-ромските изјави. Во меѓувреме, новиот лидер Андреј Данко користи поумерен јазик, но партиската платформа останува иста.

Уште еден Орбан?

Острите критики кон миграциската политика на ЕУ, социјалниот конзервативизам и националистичките тенденции на словачкиот премиер, според некои, го сместуваат во трендот на авторитарните лидери во централна и источна Европа. Сепак, аналитичарот Самуел Абрахам инсистира дека Фицо „игра целосно поинаква игра“ од унгарскиот премиер Виктор Орбан или од полскиот лидер Јарослав Качињски.
„Орбан го смени уставот и создава авторитарен режим, а Качињски, преку својот ополномоштен премиер, ги презема гранките на извршната власт и ја контролира легислативата, па можеби дури и судството“, вели Абрахам. „Но Фицо се држи до демократските принципи, тој ги почитува правилата“.

Виктор Орбан и Јарослав КачињскиФотографија: picture alliance/dpa

Аналитичарот Михал Симецка го опишува Фицо во прв ред како прагматичар. Тоа, сугерира тој, би можело да доведе и до целосна промена во политиката откако ќе победи на изборите: ресетирање на политиката кон Европа и поправање на влошените односи со Германија.

Сепак, доколку Фицо успее да формира влада, многу ќе зависи од нејзиниот состав. „Доколку формира коалиција со Демохристијаните или со партијата на унгарското малцинство Мост, дефинитивно ќе видиме поумерена словачка политика“, вели Симецка.

„Многу ќе зависи и од случувањата во Европа, што ќе се случува во Германија, и што ќе се случува со мигрантската криза“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми