Фич го намали кредитниот рејтинг на Шпанија
8 јуни 2012Американската рејтинг агенција Фич го намали кредитниот бонитет на Шпанија наведувајќи како причина прогнози за огромни трошоци за спасување на нејзиниот банкарски сектор, преголемиот долг и продлабочувањето на рецесијата.
Кредитниот рејтинг на Шпанија е намален за три степени - од А на БББ со негативна прогноза, соопшти Фич.
Трошоците за реструктуирање и докапитализација на шпанскиот банкарски сектор сега се проценети на околу 60 милијарди евра, односно на дури 110 милијарди долари во случај на полошо сценарио, се вели во соопштението на Фич.
Тоа е речиси двојно повеќе во однос на претходната проценка на Фич. Спасувањето на банките, според Фич, дополнително ќе го зголеми вкупниот државен долг и со тоа јавниот долг ќе мора да се зголеми на 95 отсто од брутодомашниот производ.