Адвентски корона-венец
Божиќниот адвентски аранжман е поставен пред цвеќарата „Цвет“ во Хановер, а креацијата на флористот Тобијас Брининг наиде на бројни позитивни реакции на неговите муштерии. Корона инаку значи круна или венец,тоа име го носат и бројни производи на различни производители: цигари, машини за пишување, автомобили. Но, некои во време на пандемијата не се особено популарни токму поради својот „имењак“- вирусот...
Историјата на адвентскиот календар
24 вратички, 24 изненадувања - адвентските календари ни го засладуваат чекањето на Божик. Оваа типична германска традиција постои од 20. век, а во меѓувреме стана популарна и во други земји.
Секој ден малку повеќе Божик
Секојпат кога ќе отвориме нова вратичка, односно куќичка, се повеќе се приближува Бадник. Адвентските календари во Германија се омилени не само кај децата, туку и меѓу возрасните. Можат да се купат или рачно да се изработат, да се наполнат со чоколада, со играчки, или со цртежи. Приказната за оваа германска традиција започна во 20. век во протестантско опкружување.
Почетоци во 16. век
До 16. век децата во Германија добивале подароци за Св. Никола. Црковниот реформатор Мартин Лутер го отфрли величењето на светецот и ја смени таа традиција. Тогаш е воведен обичајот, за Бадник или Божик да се дарува. За да им се скрати времето за чекање на децата на интересен и „благ“ начин, протестантите со текот на времето развиле бројни обичаи, меѓу нив и адвентскиот календар.
Секој ден по малку
Посиромашните семејства со креда цртале 24 цртички, кои децата една по една ги бришеле. Други варијанти биле поставувањето свеќи со 24 знаци или хартивчиња, кои потоа се фрлале. Во некои богати семејства децата добивале меденици. И на католиците им се допаднале адвентските календари, па тие потоа се прошириле низ цела Германија.
Први печатени календари
Протестантската печатница во Хамбург веројатно била првата која во 1902. испечатила еден календар во вид на часовник. Две години подоцна, како додаток во весникот Штутгартер Нојес Тагблат се нашол и еден адвентски календа. Во 1908 година, минхенскиот претприемач Герхард Ланг продавал шарени сликички, кои можеле да се исечат и потоа да се залепат на 24 полиња на картон.
24 вратички- 24 изненадувања
Во 1920 година беше воведена уште една новина: на пазарот се појавија првите адвентски календари со вратички, кои можеа да се отвораат. Зад нив можеле да се најдат сликички или цитати од библијата. Во времето на националсоцијализмот христијанските симболи биле заменети со ликови од бајките или германски божанства, со намера Божик да се издвои од христијанската традиција.
Адвентските календари во масовна потрошувачка
Од 1950. години адвентскиот календар можел ефтино да се купи како стока за широка потрошувачка. Зад вратичките се криеле сликички од градови прекриени со снег, пејзажи или христијански мотиви. Некои календари криеле и чоколади. Од тој период, поточно од 1965. година потекнува и календарот на фотографијата.
Купен или рачно изработен
Денес, зад 24. вратички на календарот воглавно се кријат чоколадни слатки со божикни мотиви. Зад некои дури има и играчки и други дребулии, кои пријатно изненадуваат при отворањето. Други пак, рачно ги изработуваат календарите, при што креативноста нема граници. Така на пример, може да се изработи календар со 24 пакетчиња на јаже или наредени во кутија.
Адвентскиот календар на пат околу светот
Божик одамна не е само празник на раѓањето Христово. Во меѓувреме тој стана празник на потрошувачкото општество. Така и адвентските календари станаа потрошувачка стока. Сега можат да се купат низ целиот свет, а зад вратичките не се кријат само чоколади, туку веќе и накит, козметика или нешто трето. Сепак, мотивите треба да бидат разбирливи во целиот свет.
Сега се отвораат и прозорците!
Во меѓувреме во некои градови се појавија и календари со големина на цела куќа, на кои буквално секој ден може да се отвори по една врата или прозорец. Најголемиот адвентски календар од тој вид се наоѓа во Лајпциг со големина од 857 метри квадратни. До Бадник тука секој ден во 16 часот се отворат еден прозорец зад кој се кријат слики со божикни мотиви.