Фолксваген ги замрзна плановите за фабрика во Турција
ЖА
15 октомври 2019
Договорите за градење фабрика во Турција се практично пред потпишување, но турската инвазија во Сирија го наведе Фолксваген на преобмислување на одлуката.
Реклама
Практично беше само прашање на време кога Фолксваген официјално ќе ја објави одлуката за изградба своја нова фабрика во Турција. Со волумен меѓу 1,2 и 1,5 милијарди евра, таа би претставувала една од најголемите германски инвестиции во Турција. Потрагата по погодна локација за изградба на новиот производен погон во југоисточна Европа долго траеше, во предвид беа и Бугарија, Романија и Србија. Но, кога на почетокот на октомври Фолксваген ја заведе во трговски регистар својата фирма-ќерка во градот Маниса близу Измир, стана јасно накаде одат плановите. Стануваше збор за вработување на околу 4.000 работници во Маниса, плус дополнителни 2.500 кај лиферантите.
Меѓутоа, по влегувањето на турски трупи во северна Сирија, Фолксваген ја одложи одлуката за нов погон во Турција. Во овие околности нема да се донесе одлука, објавија германските весници „Франфуртер алгемајне цајтунг“ и „Ханделсблат“, повикувајќи се на извори од концернот. Денеска и портпарол на Фолксваген ги потврди извештаите: „Управата на концернот ја одложи конечната одлука за новиот производен погон“.
Од Фолксваген се вели дека развојот на ситуацијата се посматра со голема претпазливост и загриженост, но без навлегување во детали. Сепак, портпарол на Фолксваген истакнува дека преговорите за градење фабрика уште не се завршени.
Автомобилскиот концерн со месеци преговараше пред да најави дека на почетокот на октомври ќе падне конечната одлука. Шефот на Фолксваген, Херберт Дис разговарал директно со турскиот претседател Ердоган околу производниот погон. На крајот на август е донесена и одлука според која фабриката, која требаше да биде подигната кај Измир во западна Анадолија, би имала производен годишен капацитет од 300.000 возила. Со градење требало да се почне во 2020 година, а да биде завршено во 2022 година. Планирано било произведување на моделите Пасат и Шкода со мотори на согорување. Досегашните производни капацитети за овие модели во Емден и Квасињи би требало да преминат кон производство на електрични модели.
Турција минатата недела отпочна воена офанзива во сириското погранично подрачје против курдските милиции. Без оглед на меѓународната критика, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изрази непоколебливост да ја продолжи воената операција до „конечна победа“. Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме најави економски санкции против Турција, прекин на трговските преговори и воведување царини за увоз на турски челик.
Извонредната „бубачка“
Од националсоцијалистички голем проект до автомобилско светско чудо: Пред 80 години Хитлер го постави темелот за производство на Фолксвагеновата „бубачка“ во Долна Саксонија. И, „бубачката“ вози, и вози, и вози...
Фотографија: picture alliance/dpa
„Фиреровиот“ народен автомобил
Големиот проект „мобилизација на масите“: Хитлер и прототипот на неговиот „Фолскваген“ (во превод народен автомобил, н.з.) при поставувањето на темелите на фабриката на Фолксваген во близина на Фалерслебен, на 26 мај 1938 година. За конструкторот Фердинанд Порше со тоа почна подемот кон светски бренд.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Конверзија во теренско воено возило
Армијата имаше предност: за Хитлеровите воени походи Фолксвагенот беше преправен во теренско воено возило. Автомобилот тежок 950 килограми се докажа на фронтот. За време на походот во Русија генералот Мантојфел (напред на фотографијата) со својот тим го вади возилото од кал.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Повторно сме некој и нешто
Само 10 години по крајот на Втората светска војна, од фабричката лента во Волфсбург, на 5 август 1955 година, излегува милионитиот примерок на „бубачката“. Автомобилот со „грпка“ станува симбол на германското економско чудо.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Татко, мајка, дете, „бубачка“
Визијата за народно возило, во кое ќе има место за четворица, кое ќе биде сигурно и поволно, потекнува уште од најраните времиња на производството на автомобилот. Во 1960-тите овој сон се остварува за многу семејства. Моделот VW 1200 со подвижен покрив овозможуваше и здив летна свежина.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Од асфалт на нива
Не мора да е трактор: „бубачката“ се докажа и во земјоделството. Благодарение на задниот погон возилото се пробива на нивите и со закачениот плуг им ја олеснува тешката работа на земјоделците во 1950-тите.
Фотографија: ullstein bild - Teutopress
Веќе не вози
Крај на една ера: на 1 јули 1974 година во фабриката на Фолксваген во Волфсбург од фабричката лента излезе последната „бубачка“ произведена во Германија. Нејзиниот број: 11.916.519. Производството на Фолксваген продолжува во Мексико и Бразил.
Фотографија: AP
Љубовен од глава до пети
Viva el Vocho! Да живее мексиканската „бубачка“! Во Пуебла автомобилот се произведуваше до 30 јули 2003 година. Вработените во „Фолксваген де Мексико“ кои правеа свадба, на венчање беа возени со челичната „Свадбена бубачка“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Од народно до светско возило
Производството продолжи и во други земји во светот, како Јужноафриканската Република, Белгија, Австралија и Индонезија. Од народното возило за Германците се стигна до возило за сите. Речиси 22 милиони примероци беа произведени и продадени ширум светот. Во многу земји, како на фотографијата во Египет, „бубачката“ се вози сѐ уште.
Фотографија: Masr Betelz Club
Ново со ретро-дизајн
За носталгичари и фанови: во 1998 година Фолксваген на пазарот ја извади новата „бубачка“ - тип 9Ц. Возилото со ретро-дизајн имаше „грпка“ и фарови како оригиналот на Фердинанд Порше, но цената беше далеку од првичниот модел.