1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген го очекува „дебела” сметка за скандалот

Хилке Фишер/З.Ј.28 јуни 2016

Колку скап ќе биде скандалот со манипулираните издувни гасови на дизел-моторите на Фоклксваген во САД? Вечер може да има одговор: концернот мора да поднесе предлог за порамнување. Се спомнуваат 15 милијарди долари.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Денес сите – автомобилската бранша, екологистите, инвеститорите, тужителите и првенствено менаџментот на Фолксваген - напрегнато гледаат кон Калифорнија. Оти, денес е денот на решението, денес истекува законскиот рок одреден од судот во Сан Франциско за поднесување предлог за порамнување од концернот Фолксваген и американските власти. Со порамнувањето треба вонсудски да се регулира колкави казни и обесштетувања ќе плати производителот на автомобили поради аферата со манипулирани издувни гасови. Тоа треба да создаде правна подлога за со еден потег да се решат повеќе од 600 здружени тужби за обесштетување, поднесени од сопствениците на засегнатите модели на автомобили на Фолксваген. Доколку не биде постигната согласност, судијата што го води случајот би можел да отвори судски процес.

Американскиот судија Чарлс БрејерФотографија: picture-alliance/dpa/U.S. Government

Кај голем број тужби е добро да се избегнат безбројни поединечни процеси, кои би се влечкале со години, вели Фердинанд Дуденхефер, професор за автомобилско стопанство на универзитетот Дуизбург-Есен, во разговор за ДВ: „Спогодбата што ќе биде постигната е можеби болна, но внесува мир во концернот и може повторно да се воспостави насочување кон иднината”.

Колку мора да плати Фолксваген?

Под притисок на американските еколошки власти, Фолксваген лани во септември мораше да признае дека со специјлен софтвер ги манипулирал издувните гасови на дволитарските дизел-мотори. Со тоа во тест-услови биле постигнувани пропишаните гранични вредности за азотни оксиди во издувните гасови, кои меѓутоа во услови на нормално возење во сообраќајот биле далеку надминувани. Ова се однесува на околу 11 милиони возила продадени ширум светот.

Досега имаше само шпекулации колку пари поради тоа ќе мора да плати Фолксваген. Најголем дел од набљудувачите сметаат дека сумата ќе изнесува најмалку 10 милијарди американски долари.

Новинската агенција Блумберг, специјализирана за финансиска проблематика, доцна синоќа, повикувајќи се на добро известени лица, јави дека вкупната сума за претстојното порамнување со приватните тужители и со американските власти во меѓувреме достигнала повеќе од 15 милијарди долари, пет повеќе отколку што се очекуваше.

Од Фолксваген досега нема никакви наводи за висината на сумата.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Фолксваген и американските власти уште во април се усогласија околу основните црти на компромисот. Тој предвидува концернот да откупи речиси половина милион манипулирани дизел-возила со спорниот дволитарски мотор и да плати супстанцијално обесштетување на сопствениците на тие автомобили, како и да востанови втор фонд за компензирање на еколошките штети и за поттикнување на автомобили кои се еколошки благопријатни. Со фондот би се избегнала казна од американското министерство за финансии поради кршење на еколошките одредби.

Претстојат и натамошни постапки

Со спогодбеното порамнување Фолксваген не би се ослободил целосно од натамошна одговорност – секој тужител може потоа да реши дали ќе ја прифати понудата или ќе бара сатисфакција по судски пат. Не можат да се исклучат ни натамошни казни од страна на американските власти. Со ова порамнување не се опфатени ни тужбите за надомест на штета поради скандалот поднесени од инвеститорите, а предизвикана од падот на вредноста на акциите што тие ги имале кај Фолксваген.

Згора на се`, со спогодбеното порамнување не се опфатени ни сите засегнати возила, оти покрај дволитарскиот дизел-мотор, манипулирани се и околу 110 000 автомобили со трилитарски мотор, за кои Ауди, фирма-ќерка на Фолксваген, призна дека исто така имаат илегален софтвер.

Фотографија: Getty Images/S. Gallup

На ова треба да се надоврзат и тужбите од други делови на светот. Само во Европа минатиот октомври Фолксваген повика на вонреден сервис околу 8,5 милиони автомобили. Иако се тоа повеќе од 14 пати поголем број засегнати возила отколку во САД, трошоците во Европа веројатно ќе бидат значително пониски, оти овде прописите за вредностите на издувните гасови се помалку строги од американските. Автомобилскиот експерт Дуденхефер затоа нема разбирање за најновото барање на Елжбиета Биенковска, еврокомесар за единствен внатрешен пазар на ЕУ, Фолксваген на европските возачи на негови модели доброволно да им понуди компензација споредлива со плаќањата во САД: „Правната основа е поинаква отколку во САД. Во Европа правото на потрошувачите и еколошкото право не играат улога”.

Фолксваген може да го поднесе товарот”

Во билансот за 2015. година Фолксваген предвиде околу 16 милијарди долари за трошоци во врска со дизел-аферата. „Тоа се високи суми, но концернот може да ги поднесе”, проценува Дуденхефер. За Фолксваген да биде профитабилен на долг рок многу поважно е да се спроведе најавената нова ориентација, смета тој. Со “Стратегијата 2025” шефот на концернот Михаел Милер сака пренасочување од дизел-погонот, кого почна да го бие лош глас, кон повеќе електромобилитет.

И покрај денешниот термин за предлогот за порамнување, ќе потрае уште некое време додека да биде јасно колку точно ќе биде сметката за дизел-аферата. На наредниот судски термин в четврток американскиот судија Брејер ќе изнесе повеќе воопштен став околу понудата. Натамошен утврден термин е 26. јули, до кога документите ќе стојат објавени на интернет.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми