„Фолксваген“ и’ пркоси на кризата
16 ноември 2012 Од почетокот на годинава се испорачани 7,5 милиони возила, десет проценти повеќе од предвиденото, соопшти денеска во Волфсбург автомобилскиот концерн „Фолксваген“. Два месеца пред крајот на годинава се чини дека границата од девет милиони продадени возила е на дофат. Во изминатата година најголемиот европски производител на автомобили продаде 8,3 милиони автомобили ширум светот.
На најголемиот пазар за автомобили во Кина, производителот „Фолксваген“ во октомври годинава испорача околу 2,3 милиони возила - тоа е плус од 19,6 проценти. Во САД, каде „Фолксваген“ со месеци бележи пораст, испорачката се зголеми за повеќе од една третина. Во Источна Европа се бележи зголемување за една петина, додека во Русија за 47 проценти.
Европскиот пазар стагнира
Додека трговијата во Кина и САД бележи позитивен тренд, автомобилскиот пазар во Европа стагнира. Надолниот тренд продолжи и во октомври, иако поспоро отколку претходните месеци. Во споредба со истиот месец минатата година, според Европското здружение на автопроизводители (ACEA) бројот на новорегистрирани возила е намален за 4,8 проценти на 959.000 возила. Голем пад е регистриран во Италија, односно минус 12,4 проценти и во Франција каде е забележано намалување на бројот на новорегистрирани патнички возила за 7,2 проценти. Шпанија бележи минус од дури 21,7 проценти. Зголемен број на продадени возила е регистриран само во Велика Британија и во Германија.
Додека автомобилските концерни „Пежо“, „Форд“ и „Опел“ се жалат за голем пад во продажбата, „Фолксваген“ бележи минус на ново продадени автомобили во Западна Европа (без Германија), кој се движи во границите и изнесува шест проценти. Водачот на автомобилскиот пазар „Фолксваген“, според Европското здружение на автопроизводители дури успеа да го зголеми својот удел на пазарот во ЕУ. Повеќе од секој четврти автомобил во ЕУ е марка на концернот од Волфсбург.