Фолксваген се подготвува за нов скок
12 март 2012Скромноста не спаѓа во силните страни на концернот Фолксваген. Фирмата планира идната година да стане не само најголем, туку и најдобар автомобилски производител во светот. Рекордните бројки од 2011-та година на шефот на концернот Мартин Винтеркорн му даваат основа. Фирмата направи обрт од 160 милијарди евра и заработи 16 милијарди евра.
„Постигнавме рекорди во производството, во обртот и во резултатот. Се развивавме многу подинамично од пазарот и предничиме не само во стопанските показатели, туку и во сферата на екологијата и одржливиот развој“, изјави Винтеркорн на денешната (12.03.2012) прес конференција.
Претстои напорна работа
Во меѓувреме речиси секој осми автомобил во светот потекнува од фабриките на Фолксваген, Ауди, Сеат или Шкода. Во касата прилично пари донесува пред се‘ фирмата-ќерка Ауди. Најважен пазар останува Кина, земја која шефот на Фолксваген веќе ја означува како втор домашен пазар. Продажните бројки растат и во САД и во Русија. Сепак, Мартин Винтеркорн очекува уште многу напорна работа на патот на концернот кон број еден во светот.
„Тоа е како на фудбалско игралиште. Второто полувреме секогаш бара повеќе и е понапорно. Затоа решивме да го зголемиме темпото, 2012-та година пред нас ќе постави многу предизвици, пазарите и натаму ќе бидат оптоварени со должничката криза во Европа“.
Фокусот е на развојот
Но, Фолксваген и натаму полага на развојот. Во следните четири години ќе бидат инвестирани повеќе од 60 милијарди евра во нови погони и модели. Во иднина автомобилскиот производител ќе користи многу исти делови за повеќе од 40 различни модели, со што се штедат многу пари.
Планови постојат не само за следната деловна година, туку и за составот на Надзорниот одбор. Тоа што Урсула Пих, сопругата на шефот на Одборот, Фердинанд Пих, наскоро ќе влезе во контролното тело, според Винтеркорн е правилно:
„Госпоѓа Пих е жена која лично ја знам со години и можам да кажам дека е многу компетентна и деловна личност, која во Надзорниот одбор ќе ни помогне во унапредувањето на концернот“.
За 2012-та година Фолксваген планира поголема продажба и поголем обрт отколку годинава. Кај добивката, постои претпазливост, се вели, задржување на нивото од 2011-та година.
Автор: Хилке Јансен/ Ж. Ацеска
Редактор: Борис Георгиевски