1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен: Бугарија да помогне за старт на преговорите

ДТЗ
7 април 2022

Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека нема тајни преговори со Бугарија околу спорот. Но, опозицијата бара од него во собраниска комисија да ги презентира деталите од нацрт-документите од разговорите со Софија.

Bulgarien | Ursula von der Leyen und Kiril Petkov
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, при денешната посета на Софија побара Бугарија да помогне да се реализира одлуката на Европскиот совет за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Ваквата одлука Европскиот совет ја донесе уште во 2020 година.

На заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер, Кирил Петков, Фон дер Лајен рече дека правата на малцинствата се во основата на европските договори и вредности и дека заштитата на малцинските права е основна вредност и тие се во фокусот на вниманието. „Многу е важно ЕУ да го исполни своето ветување во овие тешки времиња кон своите соседи“, е пораката на високата претставничка на Унијата, која оцени дека времињата се многу бурни и ќе ја одредат иднината на Европа.  

Размена на идеи 

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во моментов се работи на размена на идеи по отворените политички прашања меѓу Скопје и Софија. Што се однесува на ветото, тој потенцира дека не сака да се врзува за датуми. „Секогаш кажував дека нам ни треба брзо, но не избрзано решение. Штом ќе има решение прифатливо за двете страни, тоа ќе биде соопштено како на институциите во Република Бугарија, така и кај нас. Во моментов такво решение не постои“, рече премиерот во четвртокот (07.04), одговори на новинарско прашање. 

Тој потсети дека се направени одредени чекори во областа на економијата и работните групи меѓу двете земји, коишто беа формирани пред неколку месеци. „МНР работи на политичките прашања и ги разговараат на средби според стандардите на меѓународните односи“, вели Ковачевски. 

Нема тајни преговори 

Тој е дециден дека нема никакви тајни преговори со Бугарија околу спорот. Но, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски бара од премиерот Ковачевски во текот на април да се појави пред Комисијата за надворешна политика и да ги достави нацрт-документите за кои што Владата на Македонија ги договара со официјална Софија.

„За да можеме во еден заеднички и инклузивен процес да ги разгледаме овие прашања кои се важни во македонско-бугарските односи, а исто така се важни и за евроинтеграциите. Ова го баравме од премиерот Ковачевски, бидејќи самите по кодексот на Владата напоменуваа во членот 1 дека носителите на извршни функции редовно ќе даваат отчет пред Собранието, но исто така и го бараме врз основа на членот 68 од Уставот каде што Собранието има уставна надлежност да врши политичка контрола над извршната власт“, изјави Милошоски на прес-конференција.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми