1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Фон дер Лајен се надева на вакцина за коронавирус до наесен

БГ/ ДПА
17 март 2020

Претседателката на Европската комисија денеска изрази надеж дека германска компанија за биотехнологија би можела уште годинава да развие вакцина за опасниот Ковид-19.

Deutschland Biotech-Unternehmen CureVac
Фотографија: Reuters/A. Gebert

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен разговарала со првите луѓе на КјурВак (CureVac), компанија на која ЕУ и понуди финансиска поддршка од 80 милиони евра за истражување на вакцината. Но нејзиното предвидување е далеку пооптимистичко од она на здравствените експерти, кои предвидуваат дека ќе биде потребно меѓу една година и 18 месеци за да се пронајде, тестира и одобри лек.
„Тие работат на ветувачка технологија за развој на вакцина против коронавирусот“, изјави вечерва Фон дер Лајен во видео порака.

„ЕУ ќе им обезбеди 80 милиони евра и се надевам дека со таа поддршка можеме да имаме вакцина на пазарот, можеби и пред есента. Тоа може да спаси животи во Европа и во остатокот од светот“.

Вчера, од КјурВак ги демантираа наводите во медиумите дека американскиот претседател Доналд Трамп им нудел откупување на ексклузивните права за вакцина за коронавирусот, но германската влада соопшти дека „ја ставила под контрола“ ситуацијата.
Фон дер Лајен, пак, изјави дека „фактот што други земји се обиделе да ја купат компанијата покажува дека тие се најнапред во истражувањето“. Таа го оправдува својот оптимизам со најава дека одобрението од регулаторите за евентуалната вакцина може да се забрза.
Светска трка по вакцина

Урсула фон дер Лајен се надева на вакцина против коронавирусот до наесенФотографија: Reuters/F. Lenoir

Фармацевтските компании и лабораториите низ светот брзаат да пронајдат вакцина и третмани за новиот коронавирус, користејќи лепеза на различни технологии. Според Бенџамин Нојман, виролог на Универзитетот Тексас A&M во САД, имунизацијата од патогенот е се уште далеку. Никогаш немало многу успешна човечка вакцина против било кој член на семејството на коронавируси.

„Ќе има многу проби, многу грешки, но имаме бројни опции за тестови“, вели Нојман.

Третманот би можел да пристигне порано, затоа што антивиралниот лек „Ремдесивир“ е ветувачки и веќе се користи на ад-хок основа пред да добие дозвола од регулорите.

Претседателот на САД Доналд Трамп ги повика научниците и компаниите за лекови да го забрзаат процесот- но експертите велат дека фундаменталните ограничувања би можеле да го ограничат просторот.
„Вакцината мора да има основна научна база. Треба да може да се произведе. Треба да биде безбедна. Тоа може да трае до една, една ипол година- или многу подолго“, напиша Холден Торп, главниот уредник на журналот Наука во одговор на барањето на претседателот.

„Фармацевтските директори имаат голем поттик да стигнат дотаму брзо- на крајот на краиштата ќе ја продаваат вакцината- но тие исто така знаат дека не можат да ги прекршат правилата на природата за да стигнат дотаму“, пишува тој.

САД финансираат повеќе компании преку Министерството за здравство, Човечките ресурси и Националниот институт за здравство.
Коалицијата за иновации во епидемиолошката подготвеност, глобална организација со седиште во Осло, исто така финансира многу компании, претежно помалку партнери кои немаат капацитет за масовно производство, Досега има доделено 24 милиони долари.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми