САД ја укинаа обврската за носење заштитна маска за целосно вакцинираните лица. Претседателот Бајден изјави дека тоа е голем ден за Америка.
Реклама
„Денеска е голем ден за Америка во нашата долга борба против коронвирусот“, изјави американскиот претседател Џо Бајден, по донесувањето на новите правила од страна на здравствената служба ЦДЦ за укинување на обврската за носење маска за вакцинираните граѓани. Бајден предупреди дека неносењето маски важи само за оние кои примиле две дози, односно се целосно имунизирани.
Службата ЦДЦ претходно ја објави новата регулатива според која целосно вакцинираните лица не мораат да носат веќе маска не само надвор, туку и во целосно затворени простории. За нив веќе не треба да важат ниту правилата за држење физичка дистанца, единствено во јавниот превоз останува општата обврска за носење маска. Претседателот Бајден истакна дека бројот на случаи на коронавирус се намалил во 49 од 50 сојузни држави, бројот на починати од Ковид-19 е на најниско ниво од април ланската година.
Вчера е надмината и границата од 250 милиони вбризгани дози вакцина од стапувањето на должност на Бајден на 20 јануари. Во САД целосна имунолошка заштита против коронавирус примиле 117 милиони луѓе од вкупно 330 милиони, кај возрасните стапката изнесува 45%. Бајден упати апел до преостанатите Американци да се вакцинираат: „Уште не сме готови, уште губиме премногу луѓе, зашто постојат уште многу невакцинирани граѓани“. Целта на претседателот е до Денот на независноста, 4 јули, да се вакцинираат целосно 70% од сите возрасни американски граѓани.
Џо Бајден повика и на разбирање и солидарност кон луѓето кои и покрај вакциналната заштита не сакаат да се откажат од маските.
„Однесувајте се кон нив пријателски и со почит, имавме премногу конфликти, горчина, гнев, премногу поларизација околу носењето маски. Да го надминеме сето тоа, да се потсетиме: сите ние сме Американци“.
Носењето маски во САД е политички обременета тема, поранешниот претседател Доналд Трамп речиси никогаш не носеше маска и јавно се исмеваше со оние кои ја носеа, за разлика од Бајден, кој интензивно се залагаше за овој начин на заштита во пандемијата.
Како уметниците работат со корона-маските
Носењето заштитни маски во време на пандемија стана вообичаена слика на улиците ширум светот. Уметниците се обидуваат да внесат различност и нудат поинакви модели на ист производ. Еве неколку примери.
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/H. Yan
Графити-маски
Меѓународната стритарт-сцена одамна ги откри белите заштитни маски како декоративен елемент. На фотографијата 16-годишниот стритарт-уметник С.Ф. со спреј работи на слика од голем формат на една тераса на покрив во Атина. Вакви мотиви се појавуваат во многу градови во Европа.
Фотографија: picture-alliance/ANE
Моден детал
И дизајнерите во меѓувреме посветено работат со новиот моден детал. Не сите нивни креации се во согласност со стандардите на СЗО. На неделата на модата во Њујорк, во февруари 2020 година, значи уште пред избивањето на епидемијата на корона во цел свет, оваа манекенка презентираше декоративна маска од нежен штоф, која во никој случај не претставува заштита од зараза.
Фотографија: Getty Images/NYFW - The Shows
Маски на модна писта
Дали овој модел од една американска модна куќа е соодветен за секојдневието? Во секој случај, додека се носеше на неделата на модата во Њујорк, таа делуваше повеќе како накит. Но, носење маска од штоф е се’ уште подобро од неносење никаква маска. Луѓето кои сакаат мода сега се обидуваат здодевните бели маски да ги направат индивидуални и декоративни.
Фотографија: Getty Images/NYFW - The Shows
Дизајнерски маски
Некои дизајнери ги открија маските како нов бизнис-модел за браншата која е падната на колена поради пандемијата. Млади, непознати, но и реномирани дизајнери во моментов создаваат и шијат маски полни со фантазија. Заштитните маски веројатно во музеј ќе завршат како Корона-мода од годината 2020-та.
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Да одговара на вратоврската
Мажите кои сакаат да се облечени стилски и далеку од актуелните модни трендови, и во корона-време настојуваат да прикажат едноставна елеганција. Една берлинска мануфактура за вратоврски нуди и маски кои одговараат на „пеперутката“. Некои од моделите се веќе распродадени.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Koall
Традиционални маски
Секоја германска покраина имаше различни правила за носење маски, а од 27 април маските се задолжителни во цела земја. Локални здруженија, кои ја имаат традицијата во фокус, ги користат маските и за регионална порака: „Домот е таму, каде што сум јас.“ Бо Баварија, се разбира, маските се карирани и во сино-бела боја - со мотив од кралот Лудвиг за мажите и на принцезата Сиси за дамите.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Hörhager
Еколошки маски
Кој смета дека модните детали се непотребна потрошувачка, може да посегне и по природни материјали. И, да направи маска сам. Важно е само да се покриени устата и носот. Еве како оваа девојка од Појасот Газа ја направила својата маска.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Abed
Уметност во доба на корона
Маските се одамна пристни и во делата на сликарите и скулпторите. Ги има насекаде - на слики, постери, скулптури... Полскиот скулптор Игор Миторај и’ стави заштитна маска на својата голема скулптура поставена на плоштад во Краков.