Карневалското славје може да почне
Илјадници луѓе во маски ќе ги преплават улиците со добро расположение и хектолитри пиво прославувајќи го стартот на таканареченото „петто годишно време“ денеска точно во 11 часот и 11 минути. Воздржаните Германци како по наредба се претвораат во парти-ѕверки за време на карневалските прослави кои ќе траат во наредните пет дена. Славјето традиционално доживува кулминација во понеделник на т.н Розенмонтаг, кога низ градовите минува централната карневалска поворка.
10 причини да се вљубите во Келн
Уметност, култура и карневал.. Но, Келн има многу повеќе: старите зградите во градот раскажуваат за двеилјадигодишната историја, а тука се и бројните саеми, музеи и извонредниот ноќен живот.
Катедралата во Келн – буквално огромен споменик
Околу 20.000 луѓе дневно ја посетуваат катедралата во Келн, поради што таа се вбројува во најпопуларните туристички дестинации во Германија. Катедралата во Келн е изградена пред повеќе од 700 години, а беа потребни речиси исто толку години истата да биде изградена. Готското архитектонско дело се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО од 1996 година.
Стариот градски центар – модерно историско место
Стариот градски центар за време на Втората светска војна беше речиси целосно уништен. Голем дел од предните фасади, на веќе постоечките куќи од 1960-те години, беа реконструирани во историски стил, како што е прикажано на сликата погоре, снимена на познатиот Фишмаркт во Келн. Во тесните улички на стариот градски центар може да се најде голем избор на таверни, ресторани и пивници.
Дом на традиционалното келнско пиво
Луѓето во Келн најмногу уживаат во локалното пиво „Kölsch“. Ова пиво смее да се произведува само во Келн и блиската околина. Се сервира во „Kölschstange“ – висока и тенка чаша од 200 мл. Се конзумира најдобро во придружба со некој од локалните специјалитети како што се „Himmel und Äad“, што на локалниот диjалект значи рај и земја – ова јадење се состои од пире, каша од јаболко и крвав колбас.
Музеи – од антички до модерни времиња
Во Келн, љубителите на уметноста и културата се соочуваат со проблеми при изборот на галерија или музеј за посета - бидејќи во градот ги има безброј. Музејот Лудвиг, на пример, има изложби на модерна уметност, на поп арт и експресионистички дела. Во Келн секој ќе го најде „својот“ музеј бидејќи има сѐ - од времето на антички Рим до модерна технологија и чоколада.
Цркви – сведоштва за поранешната слава
Во средниот век, Келн бил најголемиот град во светот каде се зборува германски, а бил и важен христијански центар. И денес, многу од светите градби во градот, вклучително и 12 романескни цркви, се сведоци за историската религиска важност на Келн. Св. Марија во Капитол е најголемата од нив, а е изградена на локацијата на антички римски храм. Денешната црква е изградена во 11 век.
Паркот на Рајна – огромно игралиште
Спроти катедралата во Келн, на брегот на Рајна, се наоѓа 40-хектарскиот Рајнпарк. Изграден е во 1912 година, а во 2007 година беше прогласен за најдобар парк во Германија. Огромните тревни површини во лето служат како игралишта за фудбал, а штом зајде сонцето се користат и за ноќни дружења со скара. Со жичарницата над реката Рајна, може да се стигне од паркот до Зоолошката градина во Келн.
Карневал – петтото годишно време во Келн
Келнскиот карневал е еден од најголемите и најдобро познати улични карневали во светот. За време на карневалот треба да ги знаете овие важни зборови: „Алаф“ – поздрав кој се користи на карневалот и може да биде извикан во секое време; „Камеле“ се нарекуваат карамелите и бонбоните кои се фрлаат за време на уличните паради и „Бицје“ - мал бакнеж кој слободно се подарува, некогаш дури и на непознати.
Саем – од Гејмском до Арт Келн
Келн е ширум светот познат како град на саеми. На Гејмском, годишниот саем за компјутери и видео игри, компании од цел свет ги презентираат своите најнови хардверски и софтверски производи. На саемот АртКелн, кој инаку е најстар саем за уметност во светот, може да се најде парче уметност за сечиј џеб. Фотокина, еден од најважните саеми за фотографија во светот, во Келн се одржува секои две години.
Град со „отворен ум“
Келн е и град на толерантноста - затоа и не е изненадување што градот е „упориште“ на хомосексуалците. Еднаш годишно тука се одржува КолонПрајд, двонеделна манифестација за поддршка на правата на геј и трансродовата заедница, која исто така е и најголемата во Европа. Врвот на забавата на геј сцената е тридневната „Кристофер Стрит Деј“ парада која се одржува во првиот викенд во месецот јули.
Рајна – трговска и рекреативна рута
Еден од „бонусите“ на Келн е и неговата локација покрај Рајна - најдолгата река во Германија. И самите Римјани биле свесни колку е прикладна оваа локација кога на територијата на денешен Келн, во 19 година п.н.е ја основале првата населба. Денес, жителите и посетителите на Келн, можат да направат мала екскурзија со брод или да изнајмат кану и да добијат уникатен поглед на градската архитектура.