Фотографија на денот: Новогодишен огномет во Берлин
1 јануари 2018
Со огномет и забава на десетици илјади луѓе пред Бранденбуршката порта, во германската престолнина Берлин беше испратена старата и дочекана Новата, 2018. година.
Реклама
Десетици илјади жители и гости во германскиот главен град Берлин присуствуваа на огнометот и забавата пред Бранденбуршката порта, со која беше испратена старата и пречекана Новата, 2018. година, на нашата #Фотографија на денот. Весело беше и низ другите германски градови, а прославата, според полицијата, поминала воглавно мирно и во опуштена атмосфера, на многу места со засилено обезбедување. Сцени, како во Келн пред две години, кога имаше масивни сексуални напади на жени во новогодишната ноќ, не биле забележани.
Колку луѓе, толку желби за Новата година, Ви посакуваме нивно остварување, барем на оние најважните. Среќна, мирна и бериќетна Нова година!
Амајлии и ритуали за среќа
Атласот на среќата во Германија покажува дека најсреќните Германци живеат во покраината Шлезвиг Холштајн. Онаму каде нема толку среќни луѓе, можеби може да помогнат некои амајлии, талисмани или ритуали за среќа.
Фотографија: DW / Nelioubin
Потковица
Потковицата завртена со отворот нагоре, според верувањето во Германија, би требало да ја „фати“ среќата и да им го блокира патот на лошите духови. Затоа, на многу порти има прицврстени потковици. Според едно друго верување, потковицата значи „C“, односно првата буква од „Christus“ (Христос).
Фотографија: DW / Nelioubin
Прасе
Свињата во античко време во цела Европа била симбол на благосостојба и богатство, а Германите ја сметале за свето животно. Денес прасињата за среќа се прават од марципан и се комбинираат со други симболи за среќа, како детелината со четири листа или оџачарот.
Фотографија: Fotolia/meerisusi
Валкана работа за среќа
Порано, затнувањето на каминот се сметало за голема несреќа. Зашто, ниту можело да се готви ниту да се грее - и шпоретот и печката останувале студени. Помош можеле да пружат само оџачарите, кои го чистеле каминот. Така среќата повторно се враќала.
Фотографија: picture alliance/dpa
Небесниот гласник со точки
Малиот инсект со точки се вика бубамара по Света Марија, мајката Исусова, а така ја крстиле селаните. Таа дневно јаде повеќе од 100 лисни вошки и се смета за важн природен уништувач на штетници. Тоа за земјоделците претставува небесен дар. Во Европа најраспространета е бубамарата со седум точки кои, според народното верување, ги симболизираат седумте доблести на Марија.
Фотографија: Fotolia/ K.-U. Häßler
Отровна печурка за среќа
Научниците спорат околу тоа дали печурката Amanita muscaria, на германски „мувна печурка“, се вика така затоа што убива муви или затоа што од нејзе луѓето „летаат“ во транс. Застапена е многу во детските песнички и приказни. Притоа, печурката е многу отровна и дури и конзумирање на мали количества предизвикува силни халуцинации. Според народното верување, печурката заштитува од вештерки и демони.
Фотографија: Fotolia/Ideen
Азиски мудрости
Со едно гризнување до мудра изрека - традицијата на кексите за среќа потекнува од источна Азија. Корените на оваа оваа традиција се во Кина, но и во Јапонија. Иселениците ги „извезле“ кексите за среќа во 19. век во САД, од каде потоа тие си го наоѓаат својот пат до Европа и Германија.
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb
Замисли желба
Метеорите во многу земји се сметаат за магичен настан. Кој ќе види метеор, треба да ги затвори очите и да си замисли желба, но не смее да каже што замислил! Зашто, само ако замисленото остане лична тајна, може и да се исполни. Според една христијанска легенда, метеорите се фитили кои паѓаат на Земјата кога ангелите ги чистат небесните свеќи.