Долга ноќ на еуфорија и на славје е зад македонските љубители на фудбалот по историскиот успех на репрезентацијата- првиот пласман воопшто на едно големо натпреварување.
Реклама
Навивачи, новинари и политичари, по бурната ноќ на славје низ македонските градови, во раните утрински часови ги пречекаа репрезентативците на граничниот премин Блаце, откако поради густата магла авионот од Грузија слета на приштинскиот аеродром.
Македонската влада претходно одлучи да ги награди фудбалерите и стручниот штаб на репрезентацијата со по 10.000 евра за првиот пласман на Европско првенство.Тоа на Фејсбук го објави премиерот Зоран Заев, со фотографија на која е во македонскиот репрезентативен дрес.„Вечерва на седница на Владата донесовме одлука од буџетските резерви да ги наградиме сите членови на македонската фудбалска репрезентација со по 10.000 евра, за историскиот успех – пласман на Европско првенство. #ОдимеНаЕвропско“,напиша Заев. Фудбалската репрезентација се пласираше на Европското првенство откако во бараж ја победи Грузија со 1:0 со голот на Горан Пандев во 56-тата минута. На континенталниот шампионат ќе игра во Групата Ц, со Холандија, Украина и Австрија.
Премиерот Заев прв им го честиташе успехот на фудбалерите, а честитки упатија и претседателот Стево Пендаровски и други политичари и јавни личности.
Историски успех на младите македонски фудбалери
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година е првата фудбалска селекција од земјата која изборила пласман на едно големо натпреварување. Победата од 2:0 над Шкотска го отвори патот на ЕП во Полска
Фотографија: P. Stojanovski
Историски успех
Фудбалската репрезентација до 21 година влезе во историјата откако стана првата фудбалска селекција која обезбедила пласман на едно големо натпреварување.
Фотографија: P. Stojanovski
Клучна победа над Шкотска
Во решавачкиот меч во Скопје против Шкотска, младите фудбалски надежи извојуваа победа од 2:0. Во прилог на нивните шанси одеше и победата на Украина на гостувањето кај Исланд.
Фотографија: P. Stojanovski
Голови за славје
Првиот гол на мечот против Шкотска го постигна Кире Маркоски во 18. минута, а вториот со кој беше поставен и конечниот резултат беше дело на Енис Барди (на фотографијата) само четири минути подоцна.
Фотографија: P. Stojanovski
Оро наместо прес-конференција
Славјето продолжи во салата за прес-конференции каде младите играчи буквално „упаднаа“ проследени со народни песни и ора.
Фотографија: P. Stojanovski
Будење дури во Полска
„Овие момци се херои, искрено ќе кажам дека ни самите не знаат колку вредат. Им реков да не се будат од сонот и на натпреварувањето во Полска“, изјави селекторот Благоја Милевски по мечот.
Фотографија: P. Stojanovski
Конечно радост и за вљубениците во фудбалот
И македонските фудбалски навивачи конечно добија можност да прослават еден голем успех на домашните селекции. Капитенот на сениорскиот тим, Горан Пандев порача дека „би ги заменил сите национални, куп, европски и светски титули, голови и лични признанија“ за само еднаш да доживее ваков магичен успех во дресот на националната селекција.
Фотографија: P. Stojanovski
Што е следно?
Македонија натпреварите во Групата 3 ги заврши со шест победи, три нерешени
и еден пораз, освојувајќи вкупно 21 бод. Покрај Македонија и домаќинот Полска, на ЕП се пласираа уште Чешка, Данска, Англија, Германија, Италија, Словачка, Шведска и Португалија. Србија, Австрија, Норвешка и Шпанија низ бараж натпревари ќе одлучат за последните двајца патници.