Во оригинал тој се вика „Grand Schtroumpf", а на македонски го нарекуваме Велештрумф. На оваа #ФотографијаНаДенот тој во џиновска верзија е во „инспекција“ на улиците на Брисел.
Реклама
Предводникот на малите сини суштества, беше една од главните атракции на „Парадата на денот на балоните“, која се одржува за време на традиционалниот фестивал на стрипот во главниот град на Белгија. Впрочем Велештрумф и неговите популарни анимирани сопатници - штрумфовите потекнуваат токму од Белгија, односно од перото на белгискиот карикатурист Пејо. Првата приказна за нив беше објавена пред повеќе од 60 години.
Штрумфови полнат 60 години
Почнаа со споредна улога и го освоија светот: пред 60 години белгискиот карикатурист Пејо ја објави првата приказна за Штрумфовите. Следуваа стрипови, кино-филмови, тв-серија и - гумени бонбони.
Фотографија: picture-alliance/United Archives
Водачот
Во 1958-ма беше објавена првата приказна „Штрумфовите и волшебната флејта“: сините суштества живеат во магепсана земја, среќни во своите издлабени печурки. Во 1980-те успеваат да стигнат до телевизиските екрани, а нивниот водач од „Голем Штрумф“ е прекрстен во „Тато Штрумф“ (во македонската верзија Велештрумф). Алхемичарот е исклучително мудар и ги заштитува своите „овчички“ со магија.
Фотографија: picture-alliance/United Archives
Противникот
Вештерот Гаргамел, кој е во постојана придружба на својата мачка Азриел, сака да произведе злато и за тоа му е потребен еден Штрумф. Тој долго време е единствениот човек во магепсаната земја и тоа човек кој не е суштество од симпатична сорта. Во германскиот превод Гаргамел долго време се викаше Гургелхалс. Притоа, неговото оригинално име е многу посоодветно и пострашно.
Фотографија: imago/Belga/A. Vanlathem
Таткото
Пјер Кулифор алијас Пејо пред на весникот „Ле Соар“ да му ја продаде својата прва стрип-серија, работел во маркетинг-браншата. Штрумфовите првпат се појавуваат во 1958 година во авантура од серијата „Јохан и Пирлуи“ во белгиското списание „Спиру“. Читателите бараат повеќе, па Пејо се одлучува да ја направи првата самостојна приказна со Штрумфови. Пејо почина во 1992 година, на 64-годишна возраст
Фотографија: picture-alliance/AP/A. Behrmann
Спанкото
Штрумфовите се вредни и постојано работат - со еден исклучок: мрзеливиот Штрумф Спанко, кој би сакал само да спие, понекогаш дури и кога стои. Ако нешто треба да се сработи, Велештрумф или Штрумф Текнувало се обидуваат да го вразумат, сѐ додека Спанко не се согласи неволно. Меѓутоа, најчесто го бара првото погодно местенце и ѝ се препушта повторно на својата омилена активност - спиење.
Фотографија: picture-alliance/United Archives
Штрумфета
Штрумфета е единствениот женски Штрумф - суштество кое всушност го создал Гаргамел за да внесе немир меѓу жителите на селото. Таа на почетокот не била којзнае колку убава, но благодарение на магиите на Велештрумф станала симпатична и сите во селото ја засакале. Меѓутоа, постојаното внимание од останатите ја прави во извесна мера арогантна.
Фотографија: picture-alliance/United Archives
Пејачот
„Кажете, од каде доаѓате?“, ги праша Вадер Абрахам сините џуџиња во 1978 година. А, тие послушно интонираа: „Од Штрумфхаузен, молиме!“ „Песната на Штрумфовите“, која тој ја испеа на холандски и англиски, стана хит и во Германија стигна до првото место на топ-листите.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Galuschka
Кино-ѕвезди
Штрумфовите стигнуваат во кино-салите уште во 1975 година, со својата прва приказна „Штрумфовите и волшебната флејта“. Тоа значеше дефинитивен пробив на сините џуџиња. Меѓу 2011 и 2017 година следуваат три други филмови. Иако сите се прикажуваа успешно, стрип-шармот на фигурите преку современата анимација некако се загуби.
Штрумфовите се најстариот лиценциран производ на Харибо. Тие имаат сертификат на вегетаријанска храна и - и покрај сината боја - немаат вкус на средство за заштита од мрзнење, туку на јагода или малина. 100 грама бонбони имаат 334 калории. Добар апетит!