Епидемиолошката ситуација во земјата се чини се подобрува. Доколку се потврди трендот на прекршување на третиот бран, македонските здравствени власти ќе ја разгледаат можноста за ублажување на рестриктивните мерки.
Реклама
Во период од 27 април до 15 мај , полицискиот час наместо од 20 би важел од 21 часот до 05 часот наредниот ден, би било дозволено отворање на летните тераси на угостителските објекти, организирање на спортски тренинзи од страна на на отворен простор, наместо во затворени спортска сали...
Ова се опциите за можно ублажување на рестрикциите кои денеска ќе ги разгледа македонскиот Кризниот штаб доколку се потврди трендот на опаѓањe на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица во земјата.
Утре имено истекува важењето на актуелните рестриктивни мерки, воведени поради драматичната епидемиолошка ситуација во земјата во третиот бран на Ковид-19.
Според министерот за здравство Венко Филипче епидемијата бележи надолен тренд а мерките дале резултати. Сепак тој предупредува дека таа може многу бргу да се дестабилизира, доколку не се почитуваат мерките. Тој во објава на Фејзбук ги повика граѓаните одговорно да се однесуваат за време на претстојните празници, без групирање и прекршување на мерките за заштита од Ковид-19.
Инаку бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 16858, а на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат
1507 пациенти.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!