050809 Porträt Steinmeier BTW HF
2 септември 2009„Супермен спротивно на волјата“ - така весникот „Велт ам зонтаг“, лани во јуни, го нарече вицеканцеларот Штајнмајер. Во тоа време, сојузниот министер за надворешни работи се’ уште оставаше впечаток дека му е помило да не влезе во предизборната кампања како кандидат на неговата партија за канцелар. Четири месеци подоцна, во октомври, делегатите на партискиот конгрес со 95 проценти од гласовите го избраа за кандидат за канцелар и предизвикувач на популарната канцеларка Ангела Меркел.
„Се преиспитав себе си и не се решив непромислено. Но, ако вие имате доверба, тогаш подготвен сум, другарки и другари.“
Со тоа Штајнмајер дефинитивно излезе од заднината, од која долго дејствуваше. Оти, тој доцна влезе во политиката.
Сосем различен од другите
Роден е на 5 јануари 1956 година во Детмолд, а растеше во селото Бракелзик. Во Гисен студираше право и политички науки. По студиите, стана научен соработник на катедрата по Јавно право во Гисен и работеше како доцент на Управниот семинар во Визбаден. Штајнмајер, кој на СПД и‘ се приклучи уште во 1975, во 1991 отиде за референт за медиумско право и медиумска политика во покраинскиот кабинет на Долна Саксонија. Изборот го направи лично тогашниот покраински премиер, Герхард Шредер.
„Ми го претставија, бидејќи требаше да биде надлежен за медиумска политика. Тој беше сосем различен од другите, влезе без никакви задршки, раскажа што би сакал да прави. Си помислив - некој ваков може навистина да ти се најде.“
Веќе по кратко време, Штајнмајер ја придоби довербата од Шредер, стана шеф на неговото биро и, по изборната победа на СПД во 1998, го придружуваше од Хановер во Бон, а потоа и во Берлин.
Како државен секретар во кабинетот на канцеларот, Штајнмајер, покрај другото, беше надлежен и за координација на тајните служби. Во јули 1999 тој стана шеф на кабинетот на канцеларот, а функцијата ја задржа и по тесната победа на црвено-зелената коалиција во 2002 година. На таа функција тој играше важна улога во разговорите за напуштање на користењето на атомската енергија, проект на црвено-зелената коалиција. Но, тој исто така учествуваше и во спорните реформи на пазарот на работна сила, познати по кратенката „Харц 4“, како и во совладувањето на кризите по терористичките напади од 11 септември 2001.
Семејството го држи подалеку од очите на јавноста
По предвремените избори, во септември 2005 и повлекувањето од политиката на неговиот пријател и поддржувач, Герхард Шредер, Штајнмајер стана министер за надворешни работи. На таа функција бргу ја придоби довербата на германската јавност. Само една година по изборите за Бундестагот, тој веќе беше пред канцеларот Ангела Меркел на скалата на омиленост на германските политичари.
Франк Валтер Штајнмајер е женет со Елке Биденбендер, судија во управен суд, со која имаат една ќерка. Семејството на министерот до неодамна остана непознато за јавноста. Дури во јуни годинава, Штајнмајер учествуваше заедно со сопругата во едно популарно ток-шоу на германската телевизија.
„Го сметам мојот сопруг за извонреден политичар, а не за политички глумец. Тој е човек од акција - ја согледува ситуацијата и размислува какви решенија му се потребни. Им приоѓа на луѓето и преку разговор наоѓа решенија, кои потоа сосем целесообразно ги спроведува“, рече Елке Биденбендер во настапот непосредно пред изборите за Европскиот парламент.
„Сакам да бидам канцелар!“
Изборниот дебакл, најслабиот резултат на сојузно ниво во историјата на СПД, покажа еден деморализиран кандидат за канцелар, кој со многу мака ја одржува самоконтролата. Се чинеше дека Штајнмајер е на крајот пред борбата за канцеларската функција воопшто вистински и да е започната. Но, една недела по европските избори, на вонредниот партиски конгрес на СПД, министерот изненадувачки се претстави со сјаен говор и неоспорени аспирации за лидерска улога.
„Поради тоа стојам овде пред вас како кандидат. Решавачкиот датум е 27 септември. На тој ден, во нашава земја ќе се решава за насоката не само за четири, туку за наредните десет години. Сакам да бидам канцелар на сите Германци, драги другарки и другари!“
Партијата со десетминутен аплауз му се заблагодари на својот кандидат за тоа дека и’ ги врати довербата и храброста во горките часови на пораз и очај.
Автор: Бетина Маркс / Зоран Јордановски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска