Франција - европски пациент?
13 октомври 2014
На економијата во Франција воопшто не и‘ оди добро. Но треба да се почне од позитивното. „Секој зборува за Франција како за европски пациент, но таа се‘ уште има извонредна инфраструктура и добар животен стандард. И, за време на светската криза, на француската економија и‘ одеше подобро отколку, на пример, на британската“, вели Диего Искаро, економист кој ја анализира еврозоната во ИХС Глобал Инсајт.
Освен тоа, продуктивноста е над европскиот просек, приватното задолжување е ниско, а државниот дефицит не е понизок ниту во Велика Британија и САД. Во Јапонија е дури и значително повисок. Кога економијата стагнира, високите државни задолжувања се и онака невообичаени и нема магична граница која кога ќе се помине ќе значи дека долговите веќе не можат да се зауздаат. Во моментов само мал број земји на ЕУ се држат до границата од 60 проценти од брутодомашниот производ.
Толку што се однесува до плусовите. Помалку позитивни се прогнозите за порастот. Како Меѓународниот монетарен фонд, така и француската влада очекуваат стапка од само 0,4% пораст за 2014, или половина од и онака ниската стапка од 0,8% во целата еврозона. Во последните два квартала порастот во Франција изнесуваше околу нула, невработеноста пак и натаму е над 10%.
Во својот најнов предлог буџет, францускиот министер за финансии Мишел Сапан сега предлага државниот дефицит да не се редуцира веднаш, туку дури од 2016 година. Тоа, пак, Европската комисија не сака да го дозволи. Комисијата смее да го врати на преработка предлог буџетот на една джрава членка, доколку тој е многу во спротивност со правилата на ЕУ.
Реформи да, но какви?
Францускиот премиер Мануел Валс го навлече врз себе гневот на левото крило на неговите социјалисти кога во City of London, центар на европскиот финансиски свет, на англиски рече: „Мојата влада е про-стопанство“. Тоа звучеше многу поинаку од она што го кажа францускиот претседател Франсоа Оланд пред две години. Тогаш тој велеше дека финансиската индустрија е „негов непријател“. Толку што се однесува до симболиката.
Конкретно, Франција најави дека ќе заштеди 50 милијарди евра во наредните три години, што како удел во економското постигнување е „речиси ништо, споредено со кратењата кои ги направија Шпанија, Португалија и Грција“, вели Искаро. Но ако се има предвид колку е тензична ситуацијата во Социјалистичката партија, чие лево крило во голем дел отфрла темелни реформи, тогаш кон полетот ќе мора да се оди полека.
Дали Германија мора да направи повеќе?
Од 2012 година Франција ги „редуцираше издатоците за социјално осигурување за работодавачите“ вели францускиот економист Грегори Клес од бриселската тинк тенк организација Бругел. Тој е уверен дека владата во Париз е на вистински пат и дека мора да се спроведуваат реформи, но дека вистинско градилиште е конкуренцијата со најголемата економија во ЕУ, Германија, во делот на плати и работни трошоци. „Од воведувањето на еврото, придонесите на плати во Германија се зголемуваа значително побавно од продуктивноста.“ Наспроти тоа, во Франција тие растеа паралелно со продуктивноста, што ја доведе земјата во понезавидна позиција во делот на конкурентноста.
Клес од тоа извлекува заклучок дека платите во Германија мора да се зголемат за да се прилагодат на останатите евро-соседи, со што пак ќе се поттикне внатрешната побарувачка.
Ангус Колинс, главен економ за еврозоната во Economist Intelligence Unit (EIU), е скептичен. „Мислам дека е претерано да се каже дека проблемите на Франција со тоа би можеле да бидат решени, дека внатрешната побарувачка во Германија ќе биде зајакната“, вели тој за ДВ. Колинс верува дека на Франција и‘ се неопходни „значителни реформи, особено на даночниот систем и пазарот на работна сила“. Сличен е ставот и на Диего Искаро, кој нагласува дека „во последните 10 години ништо не се променило во делот на реформи, а последиците од тоа се видливи сега кога светската конјунктура е слаба“.
Двајцата економисти се еиднствени во ставот дека на француските претпријатија им е неопходна флексибилност. Работна недела од 35 часа, на пример, би значела дека е практично невозможно брзо и небирократски да се дозволи прекумерно работење или да се вработат повеќе луѓе за да се реагира на зголемен број нарачки. Искаро и Колинс заклучуваат дека во Франција има генерално премногу бирократија и дека придонесите на плати се превисоки.
Политика на мали чекори
Клес, пак, нагласува дека „не може да станува збор само за пониски придонеси на плати, туку мора да има и целно поттикнување, на пример, на секторот за услуги“, кој во Франција има поголем удел во вкупното економско постигнување отколку на пример во Германија. Клес наведува дека се неопходни поголеми реформи во сферата на заштитените и скапи услужни дејности, како аптеките, нотарите и такси превозот. Но отпорот и таму е преголем, а доказ за тоа е минатомесечниот штрајк во овие бранши.
Политика на мали чекори се чини во моментов е најдоброто решение за да се напредува во Франција. Колинс објаснува: „Земјата не треба ниту да се држи цврсто до статус кво ниту пак да се впушти веднаш во неолиберална авантура.“ Треба полека но сигурно да се олабавуваат уздите кои им го отежнуваат животот на граѓаните и претпријатијата.
Искаро, Колинс и Клес се единствени во ставот дека во моментов е контрапродуктивно концентрирање врз високиот државен дефицит. „Намалувањето на дефицитот, кој многу влади во еврозоната го спроведуваа и го спроведуваат на ригиден начин, сосема јасно ја продолжи и влоши кризата во еврозоната“, нагласува Колинс. Во фискалната сфера мора да се остави простор за дејствување за „да не се намали премногу побарувачката во одделни држави“.