1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Франција е зрела за титулата светски првак

Штефан Нестлер
11 јули 2018

Франција по третпат е во финалето на едно светско фудбалско првенство. Сеедно дали против Англија или Хрватска, „сините“ се фаворити, смета Штефан Нестлер.

FIFA Fußball-WM 2018 in Russland |  Halbfinale -Frankreich vs Belgien
Фотографија: Reuters/M. Rossi

56. минута од полуфиналниот натпревар против Белгија. На линијата на шеснаесетникот Килијан Мбапе завртен со грб кон голот прима топка со десната нога, ја префрла на левата и со пета ја подава поблиску до голот. Сето тоа се одвива толку бргу, што техничката перфекција станува јасна дури на забавена снимка. Додавањето од соништата стигнува до Оливие Жиру, кој не успева да го совлада белгискиот голман Тибо Куртоа. Сцената не е одлучувачка за натпреварот, но го покажува огромниот потенцијал кој се крие во екипата на Триколорите.

Мбапе има само 19 години, брз е како стрела, опасен е по голот, а освен тоа е и филигрански техничар. Нема сомневање дека има потенцијал да стане светска ѕвезда од типот на Кристијано Роналдо или Лионел Меси. Но, тоа што не тој, туку одбранбениот играч Самуел Умтити со својот погодок ги однесе Французите во финалето на Светското првенство, кажува многу. Селекторот Дидие Дешам не дозволи грешки. Најдоцна од загубеното финале на ЕП 2016 му е јасно дека убавата игра може да донесе аплаузи, но без сигурна одбрана со робустни одбранбени играчи првенството не може да се освои.

Штефан Нестлер

Дешам мораше да слуша жестоки критики во групната фаза од СП, кога неговиот тим играше со повлечена рачна кочница. Но, во нокаут-фазата на турнирот, „Сините“ покажуваат што сѐ умеат. Назад може стопроцентно да се потпрат на искусниот голман од светска класа, 31-годишниот Иго Лорис. Дефанзивата е компактна, а играта на напред функционира речиси перфектно. Играчи како Пол Погба, Антоан Гризман и се разбира  Мбапе, се класа-техничари и може многу бргу да создадат игра која е опасна за секоја одбрана.

Селекторот Дешам го направи она што на неговиот германски колега Јоахим Лев овојпат воопшто не му успеа - создаде вистинска мешавина од искусни и амбициозни млади играчи, кои имаат едно заедничко: глад за успех. Сеедно дали противникот во недела ќе се вика Англија или Хрватска - Триколорите се фаворит. Екипата едноставно е зрела за титулата. Мбапе дури и може да си го дозволи лускузот да покажува магионичарски трикови. Иако од сето тоа не секогаш излегува гол, еден од тие генијални моменти би можел да го одлучи ова Светско првенство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми