Франција со нова влада
18 мај 2007
"Во согласност со членот 8 од Уставот, претседателот на Републиката ги именува по предлог на премиерот, Г-динот Алан Жипе, државен министер за екологија, развој и трајно уредување..."
Со тоа градоначалникот на Бордо и поранешниот премиер на Жак Ширак станува вториот човек во француската влада.
Екипата составена од претседателот Саркози и премиерот Фијон, не носи изненадувања. Таа брои 15 министри и 4 државни секретари, седум членови на владата се жени со што е испочитуван паритетот. Новината во владата е создавањето на министерството за имиграција, интеграција, национален идентитет и коразвој, што му беше доверено на Брис Хортефо, еден од најверните соработници на Саркози.
Мишел-Алио Мари од министерството за одбрана се сели во министерството за внатрешни работи; Жан-Луи Борло го презема министерството за економија, финасии и труд. Чувствителната министерска фотелја за труд, социјална политика и солидарност во чиј домен ќе бидат главните реформи му припадна Ксавие Бертран; правдата на Рашида Дати.
Симбол на отворањето на претседателот Никола Саркози е назначувањето на центристот Ерве Морен за министер за одбрана и на социјалистот Бернар Кушнер за министер за надворешни и европски работи. Во европските прашања ќе го помага Жан-Пјер Жије, близок до социјалистите Ројал и Холанд.
Именувањето на Кушнер не им се допадна многу на социјалистите.
“Не се станува социјалист со Франсоа Митеран, за да се стане Саркозист за време на Никола Саркози” , со многу горчина реагира првиот секретар на социјалистите Франсоа Холанд. Именувањето на фондаторот на Лекари без граници и на Лекари на светот, сепак го оценуваат како добра работа дури 71% од испитаниците на една анкета.
Доаѓањето на досегашниот социјалистички пратеник Ерик Бесон како државен секретар за проспектирање и евалуирање на јавната политика, во владата на Фијон, исто така е критикувана од социјалистите.
“Пред еден месец тој објави книга во која има тешки обвинувања против Никола Саркози, со што сега се смирува”, вели Вансан Пејон, кој заедно со Бесон работеше во штабот на Сеголен Ројал.
Новата влада на Франсоа Фијон, за кој 52% од испитаните Французи сметаат дека е способен да ги спроведува реформите кои и се потребни на француската држава, за да може да работи непречено, ќе треба најпрво да ги добие идните парламентарни избори закажани за по еден месец.
Никола Саркози првиот работен состанок со владата ќе го има попладнево, и како што вети веќе се зафати со работа. По посетата на Германија, тој денес е во Тулуз каде има средба со работниците Ербас, каде ќе ги запознае со разговорите кои ги водеше со германската канцеларка Ангела Меркел, за реструктурацијата на европската авиоиндустрија.