Шлаканица за Макрон, изјаловени очекувања за Марин Ле Пен
21 јуни 2021Регионалните избори во Франција се последниот тест на расположението кај гласачите пред претседателските избори во Франција во 2022 година. Конзервативците насетуваат шанса идната година да го победат претседателот Емануел Макрон. Неговата млада партија „Република во движење“, според очекуваното, доживеа голем неуспех, со освоени околу 11% проценти е на петто место, како што јави ТВ Франс2.
Победник според неофицијалните резултати е конзервативната партија Републиканци на екс-претседателот Никола Саркози. Нејзиниот претседател Кристијан Јакоб изјави дека партијата на Макрондоживеала досега невиден дебакл. Граѓанскиот табор освои вкупно 28% гласови.
Десно популистичката партија Национален совет на Марин Ле Пен е на второ место со освоени околу 19%. Популистите се надеваа да извојуваат победа во шест од 13 региони, но први, пред конзервативците, се само во јужнофранцускиот регион Прованса Алпи-Азурен брег со градови како Ница.
Таму по една недела ќе се одржи втор круг избори, а политичарите од левиот табор најавија поддршка за конзервативците против партијата на Марин Ле Пен. На последните регионални избори во 2015 година, ваквиот „републикански фронт“ спречи десничарите да освојат макар еден единствен регион, иако во првиот изборен круг беа најсилна политичка сила со 28% гласови.
Со лошиот пласман на нејзината партија, се поставува и прашањето за политичката иднина на Ле Пен, таа инаку има намера идната година да настапи како конкурент на Макрон на претседателските избори. Марин Ле Пен ги повика своите приврзеници да се мобилизираат за идниот изборен круг и вината за лошиот пласман ја припиша на екстремно ниската излезност.
Социјалистите освоиле околу 16%, а Зелените околу 13% гласови.
Излезноста во првиот круг на регионалните избори од 31 до 34% од 48 милиони граѓани со право на глас достигна историско дно. Некои политичари тоа го оправдуваат со пандемијата на коронавирус, но епидемиолошката ситуација во земјата е значително подобрена, по речиси осум меесеци, вчера конечно беше укинат и полицискиот час во Франција.