Француските политичари сакаат да профитираат од Брегзит
7 јули 2016 Лидерката на француската крајна десница Марин ле Пен со задоволство го нарече Брегзит „повик за слобода“. Конзервативниот Никола Дупон-Аињан предвидува дека ЕУ е во терминална фаза. Поранешниот претседател Никола Саркози посакува нов договор за ЕУ, додека неговиот наследник Франсоа Оланд, се надева дека ќе ги спречи од рушење веќе длабоко оштетените темели на блокот.
На помалку од една година пред француските претседателски избори, кандидатите аспиранти од сите политички опции се обидуваат да ги искористат во своја полза резултатите од минатонеделниот референдум во Велика Британија, надевајќи се да ги освојат гласовите на незадоволните гласачи. „Прашањето за иднината на ЕУ и секако Брегзит ќе бидат дел од темите на кампањата“, изјави за ДВ аналитичарот Бруно Котре од Парискиот Чевипов политички институт: „Прашањата за ЕУ ги поделија десните и левите“.
Анкетите покажуваат дека голем број француски граѓани не сметаат дека имаат голема корист од Брисел и тамошната бирократија. Истражувањето спроведено од Пју Истражувачкиот Центар во Вашингтон во јуни, покажа дека убедливи 61% од француските граѓани гледаат неповолно кон ЕУ, убедливо повеќе од Британците (48%) и Германците (49%). Многумина, исто така, не го одобруваат начинот на кој Брисел се справува со чувствителни прашања како што се имиграцијата и економијата.
„Не знам што всушност добивам од ЕУ на дневна основа“, изјави парискиот продавач Вик Жилу, укажувајќи на Шенген зоната и безвизниот режим, во кој се вклучени и земји надвор од Унијата, како на единствена предност. „За патување низ различни земји, да. Но освен за тоа, не гледам нешто повеќе“, изјави за ДВ.
Брегзит ја зголеми подршката за Ле Пен
На прв поглед, резултатите од Британскиот референдум даваат простор за засилување на антиевропскиот и антиимигрантскиот дискурс на Националниот фронт на Ле Пен и нејзиниот лидер. „Доста се муртите“, ѝ се обрати таа на потиштената група на парламентарци во Брисел оваа недела, објаснувајќи дека изгласувањето на Велика Британија за напуштање на Унијата е најзначајниот настан за Европа од падот на Берлинскиот ѕид, настан што ќе го забрза распаѓањето на ЕУ блокот.
„Повици за референдум одѕвонуваат низ целиот Континент“, напиша Ле Пен во својот едиторијал за Њу Јорк Тајмс. „Сè повеќе и повеќе, судбината на ЕУ наликува на онаа на Советскиот сојуз, која настрада од своите внатрешни спротивности“.
Таа се надева да го забрза крајот, ветувајќи дека ќе одржи сличен „Фрегзит’ референдум доколку биде избрана за претседател. Имајќи предвид дека во последната година рејтингот на Ле Пен се зацврсти, ваквиот можен исход не е само желба. Сепак, аналитичарите сметаат дека Ле Пен не би можела да обезбеди победа во вториот круг.
Остантатите претседателски аспиранти исто така испраќаат силни пораки за суштински реформи во ЕУ, па дури и целосно ревидирање на проектот кој израсна од пост воениот пакт за јаглен и челик помеѓу Франција и Германија.
„На оваа криза од историски размери , не можеме да реагираме со мали мерки, мораме да ги смениме правилата“, изјави поранешниот претседател Саркози кој е на чело на Републиканската партија, а се надева на уште еден мандат. „За да ги промениме правилата ни треба нов договор“ изјави тој .
Анти-бриселска реторика
Ваков дискурс не се одвива само во Франција, популистичките партии низ Европа го прифаќаат истиот и тоа веќе активира аларми. „Саркози ја засили неговата антибриселска реторика и тоа претставува голем проблем“, изјави Александра де Хоп Шефер, претседател на париската канцеларија на Германскиот Маршалов Фонд на САД. „За мене претставува многу опасен тренд кога мејнстрим партиите ја прифаќаат антибриселската реторика од крајно десничарските партии“, изјави таа за ДВ.
На другата страна, Оланд се определи за дијаметрално спротивен пат, „инвестирајќи го остатокот од својот политички капитал“ во Брисел. Тој, иако призна дека на ЕУ и се потребни реформи, сепак ги одби сите повици и ја отфрли можноста за референдум во Франција, укажувајќи дека изборите в година ќе послужат за таа цел. „Тогаш, Британскиот пример ќе остане пример, или подобро кажано, контра пример“, изјави Оланд за локалните медиуми. Навистина, некои веруваат дека последиците и хаосот кој настана од Брегзит може да му понудат можнност на Оланд да направи пресврт за неговиот опаѓачки рејтинг.
„Оланд се обидува да го искорист Брегзит да ги поврзе одново Брисел и Париз.“ Францускиот весник Ле Монд цитирајќи еден француски министер ги опиша претседателските надежи како „водилка на аспирациите на народот за поинаква Европа“.
„Рејтингот на Франсоа Оланд е многу слаб, процесот на економско закрепнување не е добар и левицата е поделена. Нему му требаше нешто да се случи и сега го имаме Брегзит“, вели аналитичарот Котре.
Анкетите покажуваат дека повеќето француски граѓани се за членство во Унијата, барем засега. Неодамнешното истражување на ТНС Софре-Уанпоинт покажа дека 45% се за иднина во ЕУ, 33% се против и 22% се неопределени.
Прашања за животниот стандард
„Доколку продолжиме да бидеме сведоци на неповолни информации од пазарите и внатрешните превирања во Британија, Франција ќе биде во позиција да размисли два пати пред да гласа на евентуален „Фрегзит“, изјави Марко Инчерти, портпарол на бриселскиот тинк тенк Центар за студии на европски политики. Но, одбирањето на постабилната опција од страна на гласачите, не мора да значи и добиен глас за Оланд. Инчерти типува на победа на поранешниот премиер Алан Жипе, политичар од централно-десничарска провиненција кој ја отфрли можноста за референдум како оној во Британија, но се залага за темелно ревидирање на Европскиот проект. Аналитичарот Котре се согласува дека позицијата на Оланд во однос на Европската Унија е малку веројатно да се исплати, затоа што француските избори ќе ги отворат за дебата прашањата поврзани со животниот стандард во земјата, како што се вработеноста и економскиот раст.
„Франсоа Оланд веројатно ќе ги одигра истите политички карти како и на минатите избори“, смета Котре. „Тој ќе повика на ново договарање и преориентирање на Европа, но имам големи сомнежи дека ќе му успее и по втор пат“.