Францускиот регион Гранд Ест на границата кон Германија, кој е посебно тешко погоден од пандемијата со коронавирус, ги обвинува САД дека со наддавање ги откупува итно потребните заштитни маски во Кина. Претседатеот на регионот Гранд Ест, Жан Ротнер, вчера за ТВ РТЛ изјави дека Американците практично „пред нос“ им ги купуваат заштитните маски кои ги порачала Франција во Кина.
„Тие даваат пари во кеш и тоа трипати или четирипати повисока цена од нашата“, критикува Ротнер. Тој не кажа колку маски САД откупиле на овој начин, но истакнува: „Мора да се бориме“.
Владата во Париз засега не ги потврди овие изјави. Франција поради кризата со коронавирусот порача една милијарда заштитни маски во Кина. Францускиот претседател Емануел Макрон меѓутоа планира да го засили домашното производство на заштитни средства и опрема и до крајот на годината земјата да стане во тој поглед независна од увозот од Кина.
Регионот Гранд Ест, покрај Елзас и Лотринген ја опфаќа и областа на Шампањ-Арден. Според класификацијата на германскиот институт Роберт Кох, тој важи за кризен регион. Како последица на белодробната болест Ковид-19 таму официјално починаа речиси 1600 лица.
Во цела Франција според Министерството за здравство има преку 4.000 жртви на коронавирусот, но во бројката се опфатени само починатите регистрирани во болниците.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.