1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрај: Контрапродуктивни настани што ја оддалечуваат РМ од ЕУ

Зоран Јордановски4 февруари 2015

Независна истрага со почитување на стандардите на правната држава ќе ја изнесе на виделина вистината за наводниот пуч во Македонија, вели Торстен Фрај (ЦДУ), пратеник во Бундестагот, во интервју за Дојче веле.

Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Господине Фрај, како гледате на најновата ситуација во Македонија, како таа може да се одрази врз натамошната интеграција на земјата во ЕУ?

Фрај: Прво, засега има само досега недокажани тврдења за некој наводен заговор за државен удар од страна на Зоран Заев и неколкумина соучесници, како и нивните изречни отфрлања на некаква вина. Немам непосредни сознанија за да можам објективно да ја оценам фактичката состојба. За вистината да излезе на виделина потребна е независна истрага и почитување на стандардите на правната држава. Дотогаш актуелната состојба повеќе ја зацврстува постоечката слика, отколку да се развива нова ситуација. Партиите не ја водат неопходната политичка дебата конструктивно во парламентот, туку по којзнае кој пат политичките методи се преместуваат надвор од демократски за тоа предвиденото место. Се’ додека не се промени тој стил, за земјата веројатно ќе биде многу тешко да ги достигне високите стандарди на ЕУ.

Инаку, сегашната постапка во целост се вклопува во развојот во последно време. Ова не остана незабележано во Брисел, како што може да се заклучи од актуелниот Извештај за напредокот (на Македонија, н.з.) поднесен од Комисијата на ЕУ. Во него се констатира дека Македонија во некои области прави чекори назад на патот кон ЕУ“.

Можно ли е подолготрајното влошување на политичката ситуација во Македонија да е делумно резултат и на блокадата на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО со грчкото вето поради спорот со името. Каков ќе биде натамошниот развој?

Фрај: Се надевам, во интерес на луѓето во Македонија, дека нема таква меѓузависност. Развојот за добробит на луѓето не би требало да биде зависен исклучиво од изгледите за прием во НАТО и ЕУ. Многу побитен е позитивниот развој на земјата за доброто на луѓето во Македонија. Па сепак, не сакам да исклучам дека блокираната ситуација предизвикува фрустрација и разочарување. Конечно, во преговорите речиси нема никакво придвижување, иако решавањето на спорот околу името е централно прашање за натамошниот развој на Македонија.

Иако ќе се повторам, но повторно и кај спорот за името ќе се повикам на извештајот на Комисијата на ЕУ. Нужната поткрепувачка динамика, за да се дојде до решение прифатливо за обете страни дури и уште пред отворањето на преговорите, би можела да биде создадена ако веќе би биле во тек „скринингот“ и разговорите во Советот (на ЕУ, н.з.) во однос на рамките на преговорите. За тоа на Македонија и’ е потребна и нашата подршка. Но, задача на Македонија е со натамошен напредок да придонесе за таков развој. И натаму е широко полето за такви подобрувања: мора натамошно да биде подобрено и зајакнато владеењето на правото и демократската постапка, мора да има стриктно почитување на поделбата на власта, мора да се обезбеди независност на правосудството, како и слободата на изразување на луѓето и на медиумите. Во оваа смисла, настани како оние од викендот се контрапродуктивни и всушност го прават подолг патот во насока кон ЕУ.

Минатогодишната најава на Германија дека повторно позасилено ќе се ангажира околу Балканот, беше таму примена со надеж и задоволство. Што може Германија конкретно да направи за Македонија во светлина на актуелнава ситуација?

Фрај: За Германија и за ЕУ земјите од Западен Балкан имаат стратегиско значење. Тоа го покажува, покрај другото, и силниот ангажман на Москва на ова или на она место во регионот. Консеквентно, Сојузната влада реши да ги продолжи, па дури и да ги засили досегашните активности во регионот. Првиот важен чекор во таа насока секако беше Конференцијата за Западен Балкан лани во август во Берлин, која беше иницирана од Германија и до 2018 година ќе продолжува на различни места, за државите од регионот да ги донесе на една маса и во меѓусебен разговор.

Згора на ова, ние секогаш велевме дека на сите земји од Западен Балкан им е отворен патот кон ЕУ и дека ние на тој пат постојано ќе им помагаме и ќе ги поддржуваме. Тоа во прв ред значи дека Германија стои на располагање со совети и за разговори, за да се придвижат процесите или да се одржуваат во тек. Но, конкретните постигнувања мора да ги остварат самата земја и луѓето. Ние не можеме да се вмешуваме внатре во земјата и во нејзиниот суверенитет.

Торстен Фрај е пратеник на владејачката Христијанско-демократска унија во германскиот парламент и познавач на приликите во Македонија

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми