1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во Македонија на ново ниво во негативна смисла

Зоран Јордановски9 март 2015

Обете страни и’ направија мечкина услуга на државата. Реформи за забрзан развој на Македонија и зголемена благосостојба на луѓето. За ДВ зборува Торстен Фрај, пратеник на ЦДУ во Бундестагот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Како ја оценувате актуелната состојба во Македонија? Какви сознанија произлегоа од седницата на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот?

Т. Фрај: Се надевам дека ќе имате разбирање дека не можам да соопштам подробности од седницата на Комисијата за надворешни работи која не беше отворена за јавноста. Но, секако не е тајна дека моите колеги и јас, меѓу другото, дискутиравме и за политичката ситуација во Македонија. И, се разбира дека важна улога играа и меѓусебните префрлувања на опозицијата и владата. Тука прво е префрлувањето од страна на владата дека водачот на опозицијата Зоран Заев стоел зад можниот државен удар. Во противпотег опозицијата објави наводни докази за масовно илегално прислушкување на граѓаните на Македонија и коруптивно работење на владата на Никола Груевски. Секако, ние сме премногу оддалечени и ни недостасува непоисредно сознание за случувањата во Скопје, за да можеме објективно и дефинитивно да ја оцениме фактичката состојба. И, се разбира дека се познати проблемите на Македонија во поглед на корупцијата, недостаточното владеење на правото, како и отсуството на конструктивен дијалог меѓу владата и опозицијата. Но, најновиот развој се чини дека ситуацијата во негативна смисла ја крева на ново ниво. Сега единствено и исклучиво е битно меѓусебните обвинувања да се расветлат со средства на правната држава и да бидат извлечени соодветни правнодржавни консеквенции. Но, во однос на натамошното приближување на Македонија кон ЕУ, обете страни веројатно и направија мечкина услуга на својата држава. Тоа пак се совпаѓа со Извештајот на Комисијата на ЕУ за напредокот, кој во Македонија побргу гледа назадување, отколку напредување.

ДВ: Дали, според Ваше мислење, со тоа се загрозува интеграцијата на земјата во ЕУ?

Т. Фрај: Ние секогаш велевме дека ЕУ е отворена за земјите од Западен Балкан. Ние секогаш отворено и транспарентно ги комунициравме критериумите со кои е поврзан приемот. Според нив ќе биде мерен секој интересент. Се надеваме дека нема да се повторат грешките што се случиле во минатото, кога на едно или на друго место можеби и не се внимавало толку многу. Поради тоа и нема смисла процесот слепо да се води понатаму. Се разбира, ние сакаме да продолжи приближувањето на Македонија кон ЕУ. Поради тоа, секаде каде е можно во процесите, даваме поддршка, а и ЕУ постојано нуди помош и ги продлабочува процесите. Но, суштинскиот сопствен придонес мора да дојде од самата Македонија. Политиката, а и општеството мора да осознаат дека реформите што се бараат го забрзуваат развојот на Македонија и ја зголемуваат благосостојбата на луѓето. И, секогаш се’ да се префрлува на грчкото вето сметам дека не води кон целта. Се разбира, јас постојано велев дека прашањето за името е централен проблем и Македонија тука има потреба и ја заслужува нашата поддршка. Но, дури и при натамошно одложување од страна на Грција, доволен мотив треба да се широките импулси предизвикани со реформите. Патем, сигурен сум дека кога Македонија целосно би ги исполнила сите критериуми и само Грција би блокирала почеток на преговори или прием, притисокот на заедницата врз Грција би бил значително поголем.

ДВ: Може ли Македонија воопшто со сопствени сили да најде излез од кризата? Кој може тука да помогне?

Т. Фрај: Иако овде би се повторил, сепак: фактичкото постигнување мора да дојде од самата Македонија и Македонците. Ние не можеме да завлегуваме во земјата и најзиниот суверенитет. Но, Македонија не стои сама на широка ливада. Таму, каде на било кој начин и било кога е можно, Европа, и се разбира Германија билатерално, и’ подаваат рака на Македонија за да и’ помогнат, за да и’ покажат патишта и решенија и да постигнат напредок. Но, ние разбирливо не можеме да изнудиме тие совети да бидат прифатени и соодветно спроведени. И, да, Македонија може да успее. Земјите од Балтикот исто така немаа безусловно подобри предуслови. Но, тие се напрегнаа со сета сила, беа примени, со приемот севкупно многу позитивно се развиваа и Естонија токму израсна во некој вид ученик за пример во ЕУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми