Македонија во најновиот извештај на Фридом Хаус за „Нации во транзиција“ е сместена во групата земји со транзициски-хибриден режим на граница кон автократија. Во 2016 година Македонија забележала натамошен пад.
Реклама
Според параметрите на американската невладина организација Фридом Хаус, Македонија е транзициски-хибриден режим кој опасно се приближува кон полуконсолидиран автократски режим. Во денеска објавениот извештај „Нации во транзиција“, кој опфаќа 29 поранешни комунистички држави од Европа и Азија, во Македонија е нотирано ново назадување во 2016 година. Степенот на демократизација на земјите се мери на скала од 1 до 7, а се оценуваат: демократското владеење на национално ниво, демократското владеење на локално ниво, независноста на медиумите, граѓанското општество, правната рамка и независноста на судството и корупцијата. Оценката 1 на скалата значи највисок степен на демократија. Македонија годинава има просечна оценка од 4.43, а зад неа во регионот се само БиХ и Косово. Минатата година, просечната оценка за македонската демократија во 2015 била 4.29. Севкупно, во периодот од 2005 до 2016 година, Македонија е земја со најголемо назадување од земјите во регионот на Балканот.
Доколку во наредниот период земјата ја „достигне“ оценката 5, веќе ќе влезе во групата авторитарни режими заедно со Киргистан, Белорусија, Русија, Азербејџан и други поранешни советски републики.
По одделни ставки, Македонија веќе се смета за авторитарен режим во однос на демократското владеење на национално ниво (оценка 5) и слободата на медиумите (5.25), а многу блиску до таков статус е и во однос на независноста на судството и корупцијата - за кои заедничката оценка е 4.75. Највисока оценка во Македонија има граѓанското општество (3.25), додека изборниот процес и владеењето на локално ниво се оценети со 4.
Како примери од земјата, во извештајот на „Нации во транзиција“ се наведуваат изречените закани од поранешниот премиер Никола Груевски и загрозувањето на мултиетничкиот карактер на државата кое ѝ се припишува на истата адреса.
„Во Македонија, поранешниот премиер Никола Груевски сугерираше дека треба да се изврши атентат врз опозицискиот лидер Зоран Заев“, пишува Фридом Хаус. „Во меѓувреме, заканите кон невладините организации достигнаа ново ниво со иницијативата наречена 'Стоп операција Сорос', основана од уредници во државната агенција МИА и два провладини информативни портали“.
Дополнително, се наведува во извештајот, „Груевски го става во опасност мултиетничкиот карактер на неговата држава со поттикнување националистички сентимент против Албанците“.
Годинешниот извештај „Нации во транзиција“ особено се осврнува на опасноста од популизмот во Европа и во земјите кои се предмет на анализа.
„Во својата основа, популизмот спротивставува мистично обединета 'нација' против корумпирани 'елити' и надворешни непријатели, а на харизматичниот лидер му ја доделува моќта да ја искажува волјата на нацијата. Оттука, тој е фундаментално илиберален, одбивајќи ја различноста на идентитети и мислења во општеството и отфрлајќи ги основните принципи на модерното уставно размислување: дека демократијата бара ограничувања на волјата на мнозинството и контрола на одлуките на егзекутивата“, гласи дел од дефиницијата за популизмот во извештајот „Нации во транзиција“.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.