1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најнов извештај на Фридом хаус

ДТЗ
28 април 2021

Во извештајот се наведува дека имало „чести случаи на политичари кои инструментализираа опасна реторика за политичка добивка“.

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Бугарското националистичко размислување ги блокираше преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, се нотира во најновиот извештај на Фридом хаус „Земји во транзиција 2021 година“, кој годинава е објавен под наслов „Антидемократски пресврт“. Во него се посочува дека изминатиот период имало „чести случаи на политичари кои инструментализираа опасна реторика за политичка добивка - како што е бугарското националистичко размислување за блокирање на преговорите за пристапување кон Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).

„Бугарија исто така започна кампања со закани против Северна Македонија, ветувајќи дека ќе ги блокира нејзините разговори за пристапување во ЕУ доколку не успее да ги реши историските спорови со Бугарија – и покрај тоа што се постави како главен поддржувач на евро-атлантските интеграции на Скопје. Ова кулминираше со експлицитно вето против разговорите во ноември, помагајќи да се одложат, со тоа што Бугарија го поддржа ветувањето од 2019 година дека ќе го сврти својот курс за надворешна политика за Северна Македонија (оној што го забрза нејзиниот европски пат), освен ако не бидат исполнети повеќе билатерални барања“.

-повеќе на темата: Фридом Хаус: Зголемен притисокот врз медиумите, посебно во Македонија

За разлика од Бугарија, којашто заедно со Летонија и Црна Гора, има десетти најголем пад на демократските параметри во последните четири години, според Фридом Хаус, Северна Македонија и Узбекистан се издвоени како две држави во транзиција со најголем демократски напредок изминатата година. Земјата има подобрување од 0,07 поени, што е втор најдобар резултат од вкупно 29 земји кои се анализираат во извештајот. Сепак, и покрај ова подобрување, С. Македонија и понатаму останува во групата на држави кои имаат „хибриден режим“.

„Во Северна Македонија и Узбекистан делумните напори вродија со позитивни промени во реалноста, што беа причина за подобрување на резултатите на овие држави. (…) Во Северна Македонија, центар-левичарската Влада на премиерот Зоран Заев поправи дел од институционалните штети кои ги направија нивните десничарско-популистички претходници, а и понатаму има можност да ги испорачаат придобивките од демократијата“, се вели во извештајот.

-повеќе на темата: На транзицијата на Балканот и’ нема крај

Северна Македонија има најдобра оценка во областа на граѓанското општество (4,75), а најлошата во областите на судската рамка и независноста и корупцијата (3,25). Корупцијата, според извештајот, останува сериозен проблем и има широко распространета неказнивост за корупција на владини функционери, вклучувајќи и членови на парламентот и луѓе од судството.

Во однос на медиумите, се наведува дека медиумската сцена е длабоко поделена по политички линии, а приватните медиуми често се поврзани со политички или бизнис интереси кои влијаат на нивната содржина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми