Онлајн медиумите - „трн в око“ за Еди Рама
20 октомври 2021Според албанскиот премиер Еди Рама, онлајн медиумите во Албанија потенцијално би можеле да бидат исто толку штетни како нацистичката пропаганда, педофилија и тероризам. Рама го изрази ова мислење за време на 8-та конференција на ОБСЕ за медиуми во Југоисточна Европа - „Новинарството во време на криза“, која неодамна се одржа во главниот град на Албанија, Тирана.
„Кога се обидувате да замислите што би направила нацистичката пропагандна машина со светот со оваа слобода на говор, шокантно е“, рече Рама. „Или дури и без воопшто да се обидувате да го замислите, туку се обидувате да ја процените штетата што се случува во секојдневниот живот од изворите на злото во овој свет - тероризмот, фундаментализмот, педофилијата, болестите на современото општество - кои преку слободата на медиумите ... може да влијаат на многу човечки суштества, загрозените групи и слабите делови од нашите општества“, рече Рама.
Ѓерѓ Еребара, новинар кој работи за Балканската мрежа за истражувачко новинарство, БИРН Албанија, смета дека Рама го користи овој став како изговор за да го одбрани контроверзниот пакет-закони за криминализација на клеветата во 2018 година, кој наиде на големо противење и кој многумина го гледаат како „војна“ против онлајн медиумите.
„Изјавата на Рама беше принуден и не многу убедлив обид да повтори дека тој самиот силно верува дека оваа слобода е прекумерна и дека тој има обврска да се позанимава со злоупотребите на слободата на изразување, но оти сите ние погрешно сме го разбрале и го гледаме како иден диктатор, додека тој всушност има добри намери, како на пример да нѐ заштити од нацизмот или да ги заштити децата од педофилија“, вели Еребара за ДВ.
Деградација на медиумите во Албанија
Еребара исто така нагласува дека законите и иницијативите што бараат да се цензурираат медиумите не се единствениот проблем: „Рама во текот на неговата политичка кариера ја демонстрираше својата желба да ги контролира сите видови медиуми. Новинарите го знаат ова и сведочат за фактот дека неговиот модел на медиумска корупција, која има пристап до јавното одлучување е главниот фактор што доведе до континуирана деградација на медиумите во Албанија во последните 15 години.“
Еребара уште вели дека Агенцијата за медиуми и информации, која неодамна беше формирана во Албанија, е „формализирање на она што владата досега го правеше незаконски“.
Тужби против новинари за клевета
Доријан Матлија работи како адвокат во Албанија веќе 17 години. Во изминатите 11 години, тој ги застапуваше новинарите во судовите во име на Рес публика. Во моментов, тој и неговите колеги ги бранат новинарите во дури 50 тужби. Матлија вели дека иако се поднесуваат разни видови тужби против новинари, доминираат случаите во кои тие се тужат за клевета.
Два нови феномена се појавија од неодамна: Прво, таканаречените СЛАПП тужби (стратешки тужби против учество во јавноста), кои се тужби во кои тужителот не мора да победи, туку има намера да го троши времето и ресурсите на новинарите и да ги обесхрабри другите новинари да пишуваат критички написи за моќни политичари или бизнисмени; второ, кампањи за клевета, кои се збир од написи на еден или повеќе други медиуми кои, од немедиумски интереси, се обидуваат да им наштетат на угледот и на кредибилитетот на новинарите во јавноста“, изјави Матлија за ДВ.
Борба против новинарите со пософистицирани средства
Матлија забележува дека денес има помалку кривични случаи против новинари отколку во минатото. Ова значи дека Албанија е сведок на она што Матлија го нарекува „софистицирана војна“, во која навидум помалку брутални, но всушност поштетни средства се користат за промовирање на автоцензура кај новинарите.
Матлија вели дека иако судовите се генерално позитивно настроени кон новинарите, има политички интервенции во процесот на одлучување. „Во конкретни случаи, судиите донесоа неповолни одлуки поради политичката или економската важност на специјалните субјекти. Тука го споменувам случајот со тужбите поднесени од страна на премиерот Еди Рама, кои, според моето мислење како професионалец, се широко прифатени во спорните одлуки", вели тој.