1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фронтекс: Повеќе пари за Грција

Кај-Александар Шолц/ Ж. А.14 јуни 2015

Фронтекс, Службата на ЕУ за заштита на границитe, планира засилена поддршка на Грција, зашто од почетокот на оваа година бројот на бегалци во земјата потресувана од економска криза рапидно порасна.

Фотографија: DW/J. Kakissis

На Грција, со оглед на растечкиот број бегалци, и‘ е потребна поддршка и при заштитата на границите, како и солидарност од ЕУ, ова го изјави шефот на Фронтекс, Службата за заштита на границите на ЕУ, Фабрис Легери во Берлин во интервју за Дојче веле. Од почетокот на годинава се регистрирани веќе над 50.000 нерегуларни премини на границата кон Грција, 500 проценти повеќе отколку во истиот период во 2014 година. Затоа, Фронтекс ќе ја зголеми помошта за медитеранската држава, најави Легери. Разговорите околу тоа веќе започнаа и ќе бидат продолжени и следната недела. До Европската комисија е испратена соодветна препорака.

Веќе постоечката мисија на Фронтекс, „Посејдон“, мора да биде проширена на поголема област, на поголем број острови. Освен тоа, на теренот нема доволно службеници за испрашување на бегалците. Значи, на грчките служби им требаат повеќе пари, со оглед на тоа што може да се очекува голем број од бегалците да имаат право на азил. За разлика од периодот до почетокот на годината, сега се намножија сириските бегалци, кои по правило поради војната во нивната земја, имаат право на азил во ЕУ и кои во Европа веќе не доаѓаат само преку Либија и потоа Италија, туку и преку друга рута: Турција-Грција.

Фабрис Легери од ФронтексФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

За сириските бегалци Либија во меѓувреме е премногу опасна, претпоставува шефот на Фронтекс. Освен тоа, сега во северноафриканските земји постои обврска за визи за Сиријците: „Тоа предивика промена на состојбата“. Иако, навалицата на бегалци на рутата Либија-Италија останува и натаму голема, првенствено на луѓе од Еритреја, Судан, Сомалија и западноафриканските држави.

Без учество во воените акции

„Мораме да се подготвиме на долготрајност на оваа состојба“, истакнува Легери, зашто до крајот на годината не е на повидок никакво политичко решение за Сирија или за Либија. Во Либија за Фронтекс нема ни адекватен партнер за разговори.

Соочена со бегалската криза во Средоземното Море, ЕУ неодамна одобри планови за воена акција против шверцерските банди. Но, сузбивањето на криумчарите на луѓе не спаѓа во мандатот на Фронтекс, вели Легери. Фронтекс е „цивилна агенција“ за набљудување на границите и има правни огради за учество во воена операција. Сепак, акциите на Фронтекс се зависни од воена заштита. Тоа пролетоска го покажаа два инцидента, кога врз бродови на мисијата „Тритон“ пред италијанскиот брег беше пукано со калашникови. Годинава во Италија веќе се евидентирани вкупно над 55.000 илегални премини на границата.

Повеќе пари за операциите на Фронтекс

Според најновите одлуки на Советот на ЕУ, на Фронтекс оваа година за акциите во Медитеранот на располагање му стојат трипати повеќе пари од претходно. Средствата од буџетот на ЕУ за оваа намена се зголемени на 25 милиони евра. За следната година буџетот за Фронтекс би требало да биде повисок дури за 45 милиони евра. Со тоа, бројот на спасувачки бродови пред италијанскиот брег ќе биде зголемен од два на шест. Ќе биде удвоен бројот на авиони, исто така и на граничарски тимови на копното.

На пограничната служба и‘ припаѓа важната задача меѓу бегалците да ги идентификува оние, на кои како на баратели на азил им е потребна заштита. Но, фактичката постапка за азил треба да биде спроведена на национално рамниште. Фронтекс, согласно со проширувањето на мандатот од 2011 година, може да помогне и при екстрадицијата на луѓето без право на престој во Европа. Во 2014 година имало 40 вакви „заеднички операции“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми