1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Фрљиќ: десницата произведува масовна хистерија

Наталија Милетиќ
8 ноември 2018

Ги пуштив ексјугословенските општества да се распаѓаат на најдобар можен начин, вели во интервју за ДВ, хрватскиот театарски режисер Оливер Фрљиќ, објаснувајќи ги причините зошто ја замени Хрватска со Германија

Regisseur Kroatien Oliver  Frljic
Фотографија: privat

ДВ: Зошто одлучи да ја напуштиш Хрватска?

Фрљиќ: Не би рекол дека трајно напуштив било кој простор, но во овој момент е невозможно да се работи во Хрватска. Подобро е да сум во Германија, тука имам работа и можам да си ја обезбедам егзистенцијата. Новата градска раководителка за култура Ана Ледерер во едно свое интервју јасно кажа дека доле нема место за мене. Тоа е само продолжение на некои други обиди да ми се оневозможи да работам на тој простор. Долго бев сентиментален кон просторот на поранешна Југославија, но ми се чини дека е време да ги убијам тие сентименти и да ги пуштам тие општества, во кои едно е полошо од друго, да се распаѓаат на најдобар можен начин. Очигледно ни луѓето кои ги водат тие општества, ни оние кои ги бираат немаат проблем со состојбата каква што е таму. Зошто па јас да внесувам некои дисонантни тонови во сето тоа?

ДВ: Високо квалификувани кадри масовно заминуваат од земјите на регионот, додека привлекувањето на странски експерти е официјална политика на Германија. Како тебе ти изгледа тој концепт?

Сите тие општества се бореа за флексибилизација на работната сила и за нејзина поголема мобилност и тоа е она што во моментов се случува. Оние кои ги водат тие општества креираа таква ситуација во која луѓето се одлучуваат да заминат. Тоа навистина станува масовно, особено од Хрватска бидејќи е далеку полесно да се дојде во било која земја на ЕУ и да се добие работа. Јас тука не гледам ништо трагично. Луѓето од еден систем во кој се експлоатирани заминуваат во друг систем каде и натаму ќе бидат експлоатирани, но малку подобро платени. Самата идеја да се останува таму каде што си роден мене отсекогаш ми била туѓа. Ова за што ние зборуваме се најлошите страни на неолибералниот капитализам, но тоа е она што го биравме, биравме прекаризација, биравме ЕУ и тоа е сега тука.

ДВ: Читајќи ги критиките на твоите претстави кои ги работеше во Германија, а во кои се занимаваш со локални теми, се чини дека не си повеќе миленик на германската театарска критика и дека повеќе им се допаѓаше додека се занимаваше со пост-југословенските општества?

Фрљиќ: На самиот почеток кога доаѓав со претстави кои ги работев во државите на поранешна Југославија постоеше некој вид патронизирање, но тоа многу брзо се смени. Многу се смени со претставата „Наше насилство, ваше насилство“ која ја критикува Европа и европската колонијална историја. Она што можев да го исчитам меѓу редови на сите тие критики е: „Занимавај се ти со своите проблеми, остави не нас“. Многу јасно имплицитно се кажува што е просторот и доменот во кој јас можам да оперирам во ова општество, како автор кој сака критички да говори. Ништо ново под сонцето. Тоа го минав во сите пост-југословенски општества.
Мене ми требаа десет години малку да ја раскрчам таа шума од театарско незнаење на просторот на поранешна Југославија, од самиот театарски јазик кој се обидував да го етаблирам, до некои теми кои не беа застапени во институционалните театри. Сега тука сум на почетокот на тој пат, но не знам колку имам сила. Тие ветерници секогаш се посилни и имаат подобра конституција од оној кој се залетува кон нив.

ДВ: Што е тоа со што треба да се избориш во контекст на германскиот театар?

Фрљиќ: Германскиот театар е до крај еден вербализиран театар. Текстуалната основа и она што се кажува е примарен генератор и преносник на значењата. Мојот театар не оперира само со тој тип на јазик. Јас мислам дека театарот е примарно визуелна, потоа корпореална, па дури потоа вербална уметност и тука се случуваат недоразбирањата. Можам повторно да се повикам на „Наше насилство, ваше насилство“ каде се изговара многу малку текст, но севкупната перцепција на таа претстава беше базирана на тоа малку што ќе се изговори. Тоа е некој мој обид да влезам во еден вид имплицитна полемика со доминантните форми во театарот на германското говорно подрачје.

ДВ: Дали тој театарски простор кој се обраќа и им дава видливост на маргинализираните општествени групи постои само во Берлин? Дали е Германија навистина толку либерална и отворена каква што се претставува?

Фрљиќ: Ни Берлин не е она што беше некогаш, но во секој случај е некој вид остров во Европа и во Германија. Од искуство, во градовите во кои работев е поинаку. Но и тука понекогаш ме изненадува колку публиката може да биде конзервативна, никој не е вакциниран од тоа. Мислам дека оваа состојба нема вечно да се одржи. Многу е тешко да се антиципира што ќе се случува. Имаме некои стари идеи и правиме паралели со 30-те години на минатиот век, но современиот фашизам мутираше и неговиот вирус се пренесува и манифестира поинаку. Тој се појавува во многу порафинирани облици и не сака никој да го нарекува со тоа име. Современиот фашизам знае како да ја искористи демократијата и демократските процедури. Тука не смееме да го исклучиме и развојот на другите медиуми, она што се случи со социјалните мрежи каде секој доби право на глас. Слободата на говорот многу често се меша со говор на омраза и се покажува дека институциите немаат механизми да ги заштитат луѓето од тоа количество говор на омраза кој се појавува во јавниот простор. Создадени се различни социјални платформи, но не се создадени протоколи кои би го спречиле говорот на омраза во тој контекст. Ние имавме неколку години Див запад на социјалните мрежи и дури сега почнуваме да сфаќаме колку социјалните платформи, кои овозможија нови типови на комуникација, беа и девастирачки, бидејќи не можеа да спречат некој несанкционирано да малтретира. Не треба да се заборави и колку социјалните мрежи помогнаа во давањето видливост и консолидацијата на екстремната десница.

ДВ: АФД е добар пример за тоа...

Фрљиќ: Тоа не е само прашање на АФД туку на десницата глобално, бидејќи тие го диктираат типот на политичкиот дискурс. Она што тука системски се прави е секојдневно поместување на границите на она што смее и може да се каже во јавниот простор. Последицата на тоа се страшни, тоа и тоа како го уништува општественото ткиво. АФД во германското општество ги помести тие граници до точки кои до пред пет години беа незамисливи. Долгорочно не знам што ќе се случува. Некој нов економски контекст секако ќе се рефлектира на некој нов политички дискурс, бидејќи економската база и идеолошката суперструктура секогаш се поврзани. Идеолошката суперструктура ги легитимира постојните економски односи. Тоа го гледаме во неолибералниот капитализам, целиот курикулум во училиштата. Тука се пренесува систем на знаења и вредности кои се претставуваат како идеолошки и вредносно неутрални, но тој тоа не е. Тој и тоа како ги застапува интересите на еден општествен слој.
Со АФД мене ми се покажа дека демократијата нема механизми да запре нешто што може да го доведе под прашање самото постоење на демократијата. Во Германија тоа се случи со национал-социјализмот, сега се случува со АФД и тука се води отворена идеолошка војна. Постои Германија која е и тоа како свесна што претставуваат АФД и сличните политички групации. Но, постои се поголем број граѓани кои ги прифаќаат оние вредности за кои АФД се бори во јавниот политички простор. Јас сум секогаш песимист и ми се чини дека тие во следните години тука ќе стануваат се посилни. Не гледам ништо што би можело да ги сопре, а општествената клима е таква што само им дава ветер в грб. Мислам дека ќе се влезе во најбрутална борба за бирачи и дека радикалната десница ќе биде во ситуација и натаму да ги диктира и дискурсот и доминантните теми во политичката сфера.

ДВ: Во Србија продолжуваат чистките на чело на културните институции. Дали е тоа убиство на културата со предумисла или Вучиќ воведува народен јазик во културните институции во Србија?

Фрљиќ: Десницата по својата природа не поднесува критички аргументирани гласови. Таквите гласови го доведуваат во прашање нејзиниот raison d'être. Десницата многу подобро се снаоѓа во производство на масовна хистерија, десанти врз културните институции и производство на национални непријатели. Јазикот на десницата е урлање. Дури и десницата која ја претставува, во јагнешка кожа преоблечениот, Вучиќ продолжува да оперира со тоа урлање. Погледнете ги сите тие портпароли кои сталоженоста на неговиот глас ја преведуваат во погром на се што може да помисли да го критикува Вучиќ во било кој контекст.
Прашањето имплицирано во воведувањето на народниот јазик во културните институции на Србија е далеку покомплексно. Тоа го вклучува и прашањето кому тие институции му припаѓаат- на културната елита или на оние за кои популистите од десна, а се почесто и од лева провиниенција, ни тврдат дека ги финансираат со своите даноци. Според мене, секоја култура политика треба да знае дека не е тука за да ги сервисира желбите, туку интересите на граѓаните. Борбата да се покаже што се вистинските интереси на граѓаните на едно општество би требало да биде она што не влегува во генералната неолиберална економија на максимализација на профитот. Со други зборови: културата е тука да произведува финансиски загуби и симболичен капитал. Но десницата многу често ја зема финансиската неисплатливост на културата како аргумент за отстрел на непосакуваните културни актери.

Театарскиот режисер Оливер Фрљиќ од неодамна живее и работи во Германија. Неговите претстави и контроверзите кои ги следат го направија миленик на меѓународната публика, а германската театарска критика работата на Фрљиќ ја оценуваше како извонредно храбра, величествена, дрска и неопходна на театарот. Така беше се додека Фрљиќ не почна да ги критикува европското колонијално минато, исламофобијата, односот кон бегалците и неофашизмот...

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми