1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалерите во Берлин - „Сите ние сме светски шампион!“

Александар Методијев/дв/дпа15 јули 2014

Германската фудбалска репрезентација ја прослави титулата светски шампион во Берлин. Играчите и тренерот Јоахим Лев се качија на сцената пред Бранденбуршката прота за да го прослават успехот од Маракана.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Бастијан Швајнштајгер, замотан цел ден со германското знаме, му се заблагодари на насобраниот народ пред берлинската Бранденбуршка порта, навраќајќи се на спомените до Светскиот куп во 2006-та, кој го организираше Германија. „Ама сега се вративме со трофеот“, низ насмевка рече заменикот-капитен.

Капитенот на германската репрезентација Филип Лам излезе на бината криејќи се зад неколку соиграчи. Тие во еден момент намерно паднаа на бината, а Лам излезе во прв план со побеничкиот трофеј во рацете.

„За ова сонував откако бев дете. Моето прво сеќавање на Светскиот куп е од 1990 година, секако кога (тогашниот капитен, н.з.) Лотар Матеус го крена трофеот на крајот“, рече Лам.

Единство на конкурентите во БундеслигатаФотографија: Reuters

Неколку германски фудбалери ја искористија можноста да го земат микрофонот и да пренесат пораки до насобраниот народ и гледачите кои го следеа телевизискиот пренос на повеќе германски телевизии. Тие всушност се ривали во Бундеслигата, но на бината излегоа рака под рака демонстрирајќи единство.

Од бината на која се славеше победата се обрати и тренерот на германската репрезентација. Јоахим Лев порача: „Без вас ние немаше воопшто да бидеме овде“, по што доби силен аплауз. „Патот до титулата беше долг и неверојатно тежок. Секако сега сме пресреќни што сме тука покрај нашите фанови“. Лев се заблагодари за поддршката во минатите недели и извика: „Ние сите сме светски шампион!“

Овации се слушаа и при излегувањето на Мирослав Клозе - рекордерот по постигнати погодоци на Светското првенство. Поттикнати од Тони Крос и Бастијан Швајнштајгер фудбалските фанови извикуваа: „Миро Клозе, Миро Клозе, ти си најдобриот човек на светот“ и „Фудбалски бог, фудбалски бог“.

Лев и фудбалерите беа пречекани со овации од фановитеФотографија: Reuters

А, при излувањето на бината, шест германски репрезентативци направија и мала шега на сметка на противникот во финалето – Аргентина. „Вака одат гаучосите, гаучосите одат вака“, пееа Мирослав Клозе, Андре Ширле, Шкодран Мустафи, Марио Геце, Роман Вајденфелер и Тони Крос одејќи поднаведнато. А, потоа извикаа: „Вака одат Германците, Германците, тие одат вака“, покажувајќи колку се горди.

Германската репрезентација пред Бранденбуршката прота ја пречекаа половина милион граѓани од различни делови на земјата. Околу 1.000 фанови имаше и на аеродромот „Берлин-Тегел“, каде слета авионот на Луфтханза со натпис на него „Авионот на победниците“, кој доцнеше поради тоа што на бразилскиот аеродром во него удрил транспортер на багаж.

По пристигнувањето на берлинскиот аеродром, фудбалерите беа транспортирани неколку часа со автобус низ берлинските улициФотографија: picture-alliance/dpa

А, откако заврши славјето, продолжија размислувањата за иднината. Тренерот Лев е сигурен во добрата иднина на германскиот фудбал.

„Овој тим има добри перспективи во иднина. Имаме многу млади играчи и одлична обука во Германија. Не треба да се плашиме од ништо“, изјави Лев за телевизискиот канал „Скај спорт њус ХД“. За својата лична иднина, пак, Лев изјави: „Имам договор. Секако ќе разменам мислења со претседателот (на фудбалскиот сојуз, н.з.)“. Неговиот договор е продолжен минатата година на уште две години, значи до 2016 година. Тоа значи дека Лев би требал да биде на тренерската позиција и за Европското фудбалско првенство.

Четвртиот трофеј е домаФотографија: Reuters
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми