1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280610 Fußball Technik

29 јуни 2010

Судиите на ова ФИФА-Светско првенство во фудбал уште од почетокот се предмет на критика поради големиот број погрешни одлуки. Затоа се‘ повеќе се бара воведување видео-докази за некои спорни ситуации.

Фотографија: Max-Planck-Institut für Integrierte Schaltungen

Бордот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) е тело на ФИФА кое е задолжено за правилата во играта. Во ова тело седат четворица функционери на ФИФА, како и претставници на пра-фудбалските сојузи на Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска. ИФАБ се состанува еднаш годишно, а за некое правило да се промени е потребно мнозинство гласови, во случајот 6 гласа.

Видеото е неофицијално веќе испробано

На судиите, на пример, би можело да им се помогне со видео-доказ. Преку снимките би можеле да се расчистат спорни ситуации како офсајд или дали е постигнат гол или не. Освен тоа, во оптек е и идејата за електронски чип во топката, кој на судијата преку радио-сигнал би му кажувал дали топката ја минала линијата на голот или не. Исто така поддршка може да се добие и преку посебни судии поставени кај голот, кои треба да помогнат при спорните ситуации пред голот.

Зинедин Зидан доби црвен картон откако судијата наводно ја гледаше снимката од спорната ситуација на мониторФотографија: AP

Видео-доказот досега официјално не е испробан како метод, но неофицијално да. Во 2006 година, во финалето на СП, кога судијата наводно гледаше во мониторот на ТВ снимката и дури тогаш му покажа црвен картон на Зинедин Зидан. Тоа официјално не се потврдува. Наместо тоа, тестирана беше топката опремена со чип, но и покрај добрите резултати, тоа како метод не беше прифатено. Наместо тоа, проширен е пилот-проектот со судии на голот во Европа лигата и дури се размислува да биде уфрлен како метод и на СП во фудбал за четири години.

ФИФА досега исклучува воведување техника

Подобро да се прават човечки грешки, отколку технички - така размислува мнозинството во конзервативната ФИФА и затоа досега спречува вклучување на техниката во фудбалот. Владее размислувањето дека видео-доказот непотребно би ја продолжувал играта, а чипот во топката би можел да биде и расипан. Генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке, неодамна тоа вака го формулираше: „Особеното во фудбалот се луѓето и тука спаѓаат и грешките“.

Топката со чип не беше прифатена како метод за посигурни одлукиФотографија: picture-alliance / Pressefoto ULMER

Играчите имаат поделено мислење

Сами Кедира пледира за тоа се‘ да остане како што е: „Ние играчите сме релативно задоволни со сегашната ситуација. Тоа е едноставно фудбал, со сите емоции, исто како порано. Се надевам дека играта и натаму ќе биде емоционална и дека нема да се воведува повеќе техника.“

Мирослав Клозе, пак, би сакал употреба на повеќе техника: „Мислам дека ако има можност да се употреби добра техника, чип во топката или камера на голот, тогаш тоа треба да се направи.“

Тој додава дека употребата на техника, конечно, функционира и во хокеј на мраз и во американскиот фудбал.

Автор: Јулија Мецнер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми