Фудбалот не е за девојчиња?
18 јули 2011
На прашањето како и зошто се одлучила за фудбал, 21 годишната Сребрина Папзикова едноставно одговара дека и самата точно не знае, но веројатно дошла на овој свет со страст кон овој спорт. Сребрина е родена во Бугарија, во градот Пловдив, каде што некое време играла и за националната женска фудбалска екипа. Кога се преселила минатата година во Келн, Германија, запишала студии за спортски науки со желба да се квалификува за фудбалски тренер.
Како награда - само повреди
Во Бугарија Сребрина Папзикова била една од ретките жени која редовно и активно се занимава со фудбал. Во средината на 90-тите години во таа земја постоеле само три женски фудбалски клубови. Клубот во кој таа тренирала бил оддалечен од Пловдив дури 400 километри.
Но, и покрај далечината, редовно одела на тренинзи, поради кои често отсуствувала од училиште. Иако во меѓувреме ситуацијата во Бугарија малку се промени и моментално таму постојат осум пријавени женски фудбалски клубови, на жените и фудбалот мнозинството луѓе гледаат по малку со сомнеж, а врежано е и мислењето дека оние кои се занимаваат со овој спорт се „големи идеалистки“.
„Жените кои во Бугарија се занимаваат со фудбал го прават тоа само затоа што им причинува големо задоволство и забава. За возврат, не се добива ништо, освен повреди. Тоа е се“, вели Сребрина.
Тренерите одат и доаѓаат, како ќе им одговара
Ситуацијата како во Бугарија не е многу поразлична ниту во останатите, географски блиски европски земји. Женскиот фудбал по правило е запуштен, за него малку кој води сметка, како машките фудбалски клубови, така и националните здруженија.
Тоа го потврдува и Ајлин Јарен. Таа е родена во Берлин, но бидејќи нејзиното семејство има потекло од Турција, Ајлин има играно некое време за турската национална женска фудбалска екипа. Денес професионално се занимава со овој спорт играјќи во Германија, и може да ги споредува и воочува разликите.
„Женскиот фудбал во Германија и Турција впрочем не може воопшто и да се споредува. Во Турција овој спорт не е толку развиен меѓу жените, никој не се грижи за подмладокот, не постои стручна, професионална помош. Често во клубовите не постои ниту постојан тренер. Тренерите доаѓаат и си одат како ќе им одговара, а тоа што навистина малку ќе го одработат, не го прават професионално. Сеедно им е, бидејќи станува збор за девојчиња. Со оглед на сето тоа, девојките се препуштени на самите себе и често тренираат сами“, раскажува Ајлин.
Ниту во Босна и Херцеговина не е поинаку
Освен лошите услови за тренинг, девојчињата и жените секојдневно мораат да се соочуваат со различни предрасуди и клишеа. Во претежно патријархалните држави на европскиот југоисток, фудбалот се’уште припаѓа на типично машкиот домен, во смисла – фудбалот е спорт за вистинските мажи, а за девојките овде нема место. Искуства во тој смисол скоро секојдневно доживуваат и фудбалерките од клубот „СФК 2000“ од Сараево.
„Во Босна и Херцеговина се’ уште се гледа чудно на жените кои играат фудбал. Во странство тоа е сосема нормално, но овде не е. Ние постојано се бориме против ваквите предрасуди, бидејќи сакаме да докажеме дека и жените, значи сосема нормалните девојки можат да играат фудбал“, потврдува една од фудбалерките во сараевскиот клуб, Азра Нумановиќ.
„На жените местото им е на шпоретот...“
Клишеата и предрасудите кон жените и фудбалот постојат и во Романија, како и во Грција. Јона Козма, главната уредничка во една приватна телевизиска станица и на интернет порталот sport.ro, и покрај позицијата на која се наоѓа, често има прилика да ги осети на своја кожа коментарите и чудните погледи. „Иако како спортска новинарка работам уште од 1994-та година, сеуште понекогаш доживувам некој маж да ми каже како местото на жените им е зад шпоретот“, вели Јона.
Според мислењето на социологот и тренер на најдобриот женски фудбалски клуб во Грција, Ксанти Константинидоу „овие предрасуди произлегуваат од самото општество, од една таканаречена маќо култура, што својот израз го добива и на подраќјето на овој спорт“. „Впрочем, потребни се сеопфатни промени. Жените кои играат фудбал се само дел од тој процес на усогласувањето на еднаквоста меѓу мажите и жените. Но, тоа не е едноставно да се постигне во Грција. Овде постои сосема поинаков систем на вредности, отколку да речеме во Германија или другите северни земји“, додава таа.
Но, без оглед на коментарите, одбивањето или незаинтересираноста на остатокот од општеството, фудбалерките во меѓувреме, може да се каже дека се навикнаа на ситуацијата. Во позитивна смисла – нивната страст за овој спорт сигурно нема да згасне. Напротив, тие велат дека со неа можат да ги отстранат сите бариери, но и да се пронајдат нови начини не само на опстанок во овој спорт, туку и за ногово проширување и развој.
Автор: Зоран Арбутина / Александар Методијев
Редактор: Трајче Тосев