Фудбалската мафија не спие!
20 ноември 2009
Германското обвинителство низ целата земја покрена истрага против стотици лица под сомнение дека манипулирале со резултатите на фудбалските натпревари. Во соопштението на обвинителството се наведува дека станува збор за меѓународна банда, која се занимава со организирано местење натпревари.
Според весникот „Шпигл“, најголемиот дел од осомничените се од Југоисточна Европа, мнозинството од Косово. Меѓу уапсените е и Милан Шапина, кој пред неколку години веќе беше осуден поради вмешаност во местење натпревари, заедно со неговите браќа Анте и Филип, и со германскиот судија Роберт Хојцер. Мајката на браќата Шапина веќе потврди дека нејзиниот син Анте е уапсен.
„Уапсените се осомничени дека на играчите, тренерите, судиите и службените лица од високи европски фудбалски лиги им плаќале за да манипулираат со резултатите на натпреварите, согласно желбите на бандата, која потоа тоа го користела во обложувалниците“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Лажирања во голем стил
Портпаролот на Германскиот фудбалски сојуз Харалд Стенгер изјави дека во аферата не се вклучени натпревари од германските првенства, ниту германски фудбалери.
Според сознанијата на весникот „Берлинер моргенпост“, извесно е дека „во турската фудбалска лига, резултатите биле местени во голем стил“. Уплатите за натпреварите во Турција биле вршени во Германија.
Колку земји ќе бидат опфатени со скандалот?! Истиот весник цитира изјава на неименуван висок функционер во обвинителството кој вели дека „ова е еден од најголемите скандали во историјата на професионалниот фудбал“. „Овој земјотрес ќе го разниша кредибилитетот на спортот на подолго време“, изјавил истражителот.
Берлин-центар на нелегалните активности
Германските медиуми одамна го сметаат Берлин за центар на нелегалните активности поврзани со обложувањето. Не е случајно што хрватските мафијаши од кланот Шапина се стационирани токму таму. „Берлинер моргенпост“ пишува дека годишно во овој бизнис во Германија се вртат најмалку 3 милијарди евра.
„Тоа е еден куп пари и затоа е разбирливо што во целиот бизнис е вклучен криминалот“, вели за овој весник, Мартин Бар, адвокат специјализиран за игри на среќа. Германската криминалистичка служба одамна предупредува дека не станува збор за неколкумина луѓе, туку оти се работи за „обложувалничка мафија која делува глобално“. Според истиот извор, главниот центар на мафијата се наоѓа во земјите на Далечниот исток, Кина, Малезија, Тајван, Макао и Сингапур.
Еден поранешен член на криминалната банда, инаку Турчин по потекло, за „Берлинер моргенпост“, објаснува дека најчесто се манипулира со резултатите во пониските лиги. Освен класичното подмитување судии и играчи се користат и уцени.
„Се случува за некој играч да имаме пикантни информации. Јас конкретно знаев за некои играчи кои се во големи долгови, или некои што редовно посетуваат бордели, љубовници, па и некои што имаат хомосексуални склоности“, вели овој мафијаш.
Автор: БГ/СН/Берлинер моргенпост/Шпигел
Редактор: Жана Ацеска