Фудбалската Суперлига не издржа ни 48 часа
21 април 2021Интер и Атлетико се последните два клуба кои денеска преку соопштенија се повлекоа од проектот Европска Суперлига на најбогатите европски фудбалски клубови. Со тоа осум од вкупно 12 основачи на лигата веќе се откажаа од проектот. Честа на Суперлигата засега се уште ја бранат Реал Мадрид, Барселона, Јувентус и Милан.
Вчера своето повлекување го најавија шесте најбогати англиски клубови: Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Челзи, Тотенхем и Манчестер Сити. Тие ја променија одлуката само 48 часа откако беше најавено формирањето на лигата под огромен притисок на навивачите, играчите и политиката.
Преку илјада навивачи на Челзи протестираа синоќа пред стадионот во Лондон пред почетокот на натпреварот од домашното првенство против Брајтон. Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон по одржаниот состанок со соиграчите од клубот соопшти дека сите се против идејата за учество во Суперлигата.
„Не ни се допаѓа и не сакаме да се реализира. Тоа е нашиот заеднички став“, објави Хендерсон по состанокот.
Извршниот директор на Манчестер Јунајтед Ед Вудворд поднесе оставка на функцијата откако стана извесно дека проектот пропаѓа, додека Арсенал им се извини на своите навивачи.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин изјави дека е „одушевен“ од одлуката на англиските клубови, а нивното повлекување го поздрави и матичната фудбалска федерација притоа честитајќи им на навивачите за нивниот „влијателен и обединет глас“.
Од Суперлигата инсистираат дека нема да се откажат од проектот инсистирајќи дека „актуелниот систем не функционира“.
„Ќе ги разгледаме најсоодветните чекори за да го преобликуваме проектот“, се наведува во изјавата.