1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Фудбалска треска во Хрватска и Англија

ЕМФ / дпа
11 јули 2018

Хрватска би можела првпат да се пласира во финалето на едно СП, Англија - вторпат. Фудбалската треска во двете земји е огромна и раѓа и чудни плодови.

Russland WM 2018 Argentinien gegen Kroatien  | Derweil in Zagreb
Фотографија: Reuters/A. Bronic

При извлекувањето за „паблик вјуингот“ во Хајд парк заглавија сите сервери, треперат и кралската куќа и висококаратните фанови како Роби Вилијамс, министерот за надворешни работи Борис Џонсон мораше да трпи критики зашто го одбрал најлошиот можен момент за оставка - и сето ова е можеби само почеток. Вечно присутното воодушевување од фудбалската игра во Англија доживува нови размери пред денешното полуфинале на СП против Хрватска.

„Лавовите“ сакаат да го испишат претпоследното поглавје во својата херојска приказна. Островот е превртен на глава. Побарувачката по билети за гледањето на полуфиналниот натпревар на отворено во Хајд парк беше далеку поголема од бројот на билети кои стојат на располагање - 30.000. Среќниците беа извлекувани. Интересот беше толкав, што техниката откажа. „Треската од СП го зафати Лондон и цела нација“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.

Одамна за фудбалот се интересираат сите. Принцот Вилијам пишува на Твитер лично, што инаку е реткост. „Сакавте да испишете историја и сега токму тоа го правите“, напиша престолонаследникот. Поп-ѕвездата Роби Вилијамс деновиве, позирајќи во јакна за тренинг, твиташе: „Фудбалот се враќа дома“. Тоа е наслов на песната од 1996 година за земјата-мајка на фудбалот, кој одамна се претвори во мото.

Еден навивач на ногата го истетовира стрелецот на голот за победа против Шведска, Хари Мегвајер. Фудбалерот му вети дрес - една модна куќа сака да го обелкува бесплатно до крајот на животот.

За Саутгејт фановите направија своја верзија на песната на „Атомик Китен“ - „Whole Again“ и на успешниот тренер му пеат: „Саутгејт, ти си единствениот“.

Навивачите на Англија се сигурни дека овојпат „фудбалот се враќа дома“Фотографија: Reuters/M. Djurica

Сични луди размери има и фудбалската еуфорија во Хрватска. Нормалниот живот во земјата денес замира. Театрите го откажаа претставите, супермаркетите ќе затворат точно кога судијата ќе означи почеток на полуфиналниот натпревар против Англија. Оригиналните дресови на „Ватрени“ се распродадени уште пред две недели. „Тотална фудбалска хистерија во Хрватска“, напиша порталот „Индекс“. Претседателката Колинда-Грабар Китаровиќ која победата во четвртфиналето го прослави со играчите во соблекувалната, повторно ќе биде на стадионот и овојпат со себе го носи и премиерот Андреј Пленковиќ.

Во ваквиот емоционален хаос, играчите од двете репрезентации мора да се концентрираат на спортската задача. Англија во финалето на едно СП се пласирала само еднаш, Хрватска досега ниту еден единствен пат. Пораз во полуфиналето за двата тима вечно би се третирал како пропуштена шанса. Англичаните се обидуваат да излезат на крај со ситуацијата со опуштеност. „Ова е како голем одмор. Ниту една секунда не е здодевно, уживаме во секој момент“, уверува рутинирано Ешли Јанг, кој во понеделникот го прослави 33. роденден.

Хрватската фудбалска еуфорија добива луди размериФотографија: Imago/Pixsell/I. Kralj

Но, ваква голема приказна одамна е станата национално прашање и се меша со други работи. „Сан“ очигледно за насловната страница не можеше да се одлучи меѓу натпреварот и оставката на британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, па вчера го прикажа Џонсон во националниот дрес со очаен гест и до него насловот: „Не знаете ли дека претстои проклетиот натпревар?“ Според мотото: оставката навистина можеше да причека уште два дена.

И во Хрватска познатиот коментатор Горан Војковиќ повлекувајќи паралела со политиката, прашува: „Зошто хрватските фудбалери се многу поуспешни од Хрватска?“

Весникот „Јутарњи лист“ се радува што хрватскиот фудбал по големиот корупциски скандал околу функционерот Здравко Мамиќ, повторно продуцира позитивни наслови. „По долгогодишна притеснета реалност, кавги, поларизација и бојкот поради еден единствен човек, хрватскиот фудбал има шанса да се збогува од грдото минато и да отвори нова страница во историјата.“

Значи, станува збор за спортска историја. Но и за повеќе од фудбал.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми