Фуере разговараше со Црвенковски
2 февруари 2011Евроамбасадорот Ерван Фуере по денешната (02.02) средба со лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски уште еднаш повтори дека бојкотот не е начин за решавање на проблемите во Собранието и ја повика опозицијата да се врати во законодавниот дом. Тој изрази жалење за неуспехот на владата да ги следи препораките на Европската комисија.
„Истовремено морам да кажам дека жалам за неуспехот на владата да ја следи препораката на Kомисијата од оваа година и од минатата година да обезбеди политички дијалог и токму поради тоа необезбедување на политички дијалог во земјава, се наоѓаме во денешната ситуација“, рече Фуере.
Тој ги повика властите да организираат лидерска средба која ќе биде фокусирана на новонастанатата политичка ситуација. Прашањето за предвремени парламентарни избори, Фуере им го остава на политичките партии.
Автор: БГ/миа/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска