Градот Хавана е основан на 16 ноември 1519 година. Главен град на Куба станува во 1552 година. Тој денес е политички и туристички центар на земјата.
Реклама
Хавана, или како што гласи целото име - Сан Кристобал де Ла Хавана, е седми по ред град основан на Куба, островот кого во 1492 година Кристофер Колумбо, делувајќи во име на шпанското кралство, го крстил „Хуана“. Наводно, на Плаца де Армас во Хавана, до ден-денес стои дрвото под кое се одвивале настаните од 16 ноември пред 500 години.
Градот е основан од страна на Шпанците поради поволната местоположба. Тој бил точка од која продолжил освојувачкиот поход на Шпанците на континентот, се’ до северна Америка. Денес градот е политички центар на Куба. Тој е исто така и туристички центар на земјата, односно во него доаѓа половината од вкупниот број туристи кои ја посетуваат Куба.
Како изгледа секојдневието во Хавана? Погледнете овде:
Во срцето на Хавана
Фотографот Свен Кројцман и политикологот Берт Хофман три децении го документираат животот во Хавана. По повод 500. роденден на градот, тие објавија публикација во која е прикажано секојдневието вчера и денес.
Фотографија: Sven Creutzmann
Кубанските деца
Една фотографија, една приказна: Ернесто, седумгодишно момченце од Хавана, се испружило на браникот на американски олдтајмер во старото градско јадро на Хавана. Слика која покажува колку всушност стариот град е млад.
Фотографија: Sven Creutzmann
На кауч со Фидел
Олдтајмер во дневната соба, веднаш до каучот и клавирот. Ваков живот е можен веројатно само во Хавана. Од 2006 година приватните олдтајмери смеат да се користат како такси или минибуси. Тоа им ја има кренато цената толку, што возилата сега се паркираат во дневната соба.
Фотографија: Sven Creutzmann
Сеприсутен: Фидел Кастро
„Ел Команданте“ - Фидел Кастро е присутен насекаде во Хавана. Овој жител на градот, со плакат на кој има слика од револуционерниот водач и диктатор, во 2006 година чека на почеток на граѓански собир. Тоа е годината кога Кастро поради тешка болест се повлече од функцијата.
Фотографија: Sven Creutzmann
Тропска дневна соба
Во дворовите од старите колонијални вили во Хавана, на улиците или во парковите - жителите на градот се собираат за да одиграат партија шах или домино. Тоа што објектите се нереновирани, за нив не игра улога. Важно е друштвото.
Фотографија: Sven Creutzmann
Feliz Navidad! Viva la Revolución!
Хавана, љубов моја! Оваа двојка танцува до елката и сликата на револуционерот Че Гевара. Романтична Света Ноќ од 1992 година која во ваков облик е можна само во Куба.
Фотографија: Sven Creutzmann
Да живее операта!
Правејќи репортажа на покривите од Хавана, фотографот Свен Кројцман го откри оперскиот пејач Едвин. На неговата тераса на покривот тој секојдневно го пушта Моцарт и пее. Музичко уживање со кубанскиот Капитол во позадина.
Фотографија: Sven Creutzmann
Хаванските принцези
Една граѓанска традиција живее во срцето на кубанскиот социјализам - помпезното славење на 15. роденден на младите Кубанки. „Fiesta de quince“ се одбележува секогаш со задоволство. Низ хаванските улици тогаш се слеваат реки млади Кубанки облечени во розово, со тантели и цвеќиња на рацете и во косата.
Фотографија: Sven Creutzmann
Внимание, камила!
Во Хавана ги нарекуваат едноставно камила „el camello“. Камионите преправени во автобуси од 1990-те може да транспортираат до 200 патници. „Иновацијата“ од тоа време во меѓувреме има добиено култен статус, исто како и олдтајмерите.