1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Халкидики против рудник за злато

19 септември 2017

Веќе со години мислењата се поделени околу еден рудник за злато во Грција. Неговите поддржувачи говорат за работни места и инвестиции, додека противниците се загрижени за животната околина. Владата молчи.

Griechenland - Chalkidiki Goldmine
Фотографија: DW/F. Schmitz

Неколку стотици жители на Лерисос, мало село на полуостровот Халкидики во северна Грција се собрани пред културниот центар и ги слушаат говорниците. Лерисос е центар на протестот против канадската компанија „Елдорадо“, која управува со два рудника за злато во регионот, еден во блиското село Олимпијада и уште еден во Скуриес. Многу од присутните носат маички со порака СОС Халкидики, слоган по кој станаа познати низ целата земја. Жителите на Лерисос се сериозно загрижени за својата иднина.

„Како е можно владата да дава дозвола за фабрика за обработка на злато врз сеизмички нестабилен терен?“, прашува еден од говорниците. Тука нема медиуми. Ниту политичарите не доаѓаат. „Пред да го изберат за премиер, Ципрас дојде да не посети и не поттикна да излеземе на улиците“, вели еден постар човек во публиката. „Сега не доаѓа никој, а не третираат како криминалци“. Тоа не е метафора, туку се должи на објективните проблеми со законот на некои противници на рудниците.

Во февруари 2013 година, група левичарски активисти го нападнаа влезот на рудникот во Скуриес и ја запалија чуварската куќичка. Неколку дена подоцна полицијата изврши рација во околните села. „Околу 500 луѓе сега се соочуваат со судење врз основа на собраните ДНК податоци“, објаснува адвокатката Арети Скунаки од Солун. Целта, вели таа, е целото движење да се прогласи за криминална организација, а тоа, додава, нема никаква врска со владеењето на правото.

Протест на противниците на рудницитеФотографија: DW/F. Schmitz

Страв од еколошка катастрофа

Фирмата Елдорадо во меѓувреме продолжува со својата работа, иако пред извесно ѝ се закани на грчката влада дека ќе си замине доколку Атина не ѝ издаде дозвола за работа во Скуриес. Фокусот на конфликтот е во користењето на арсен во процесот на производството. Елдорадо ја користи техниката на ткн. „блиц топење“, а според физичарот Марија Кадоглу, проблемот е што во двата рудника на Халкидики концентрацијата на арсен надминува 9 проценти. При користењето на оваа технологија, се ослободува прашина од арсен во воздухот- речиси 20 илјади тони годишно. Максималното дозволено ниво е 20 килограми годишно. Не постои технологија која би го прочистила воздухот, вели Кадоглу. Дополнителен проблем е што рудникот е сместен на сеизмички нестабилно земјиште. Локалните жители стравуваат дека доколку се случи земјотрес, милиони тони отровен отпад би можел да заврши во природата. Третиот проблем е водата за пиење. Планината на која се наоѓа рудникот е најважниот извор на питка вода за регионот и за Халкидики.

Влезот на рудникот во СкуриесФотографија: DW/F. Schmitz

Про и контра

Но, има и контра-аргументи. Во прв ред: работни места. „Луѓето од планинските села со генерации работат во рудниците. Тие не размислуваат за последиците по животната околина“, вели Јота Сиосопулу, активистка против рудниците. „Во Лерисос речиси сите живеат од туризам. Но кој ќе дојде кај нас? Како ќе преживееме?“

Планинското село Арнеа е бастион на поддржувачите на рудниците.

„Рудникот е многу важен за регионот“, вели еден продавач во Арнеа. „Не смееме да си играме со толку важна инвестиција“. Секако дека производството на злато би можело да има негативни последици за туризмот, вели тој, но сезоната трае само три месеци, а во рудниците се работи низ целата година. „Многу луѓе заминаа кога почна економската криза. Сега се враќаат. Плоштадите во селата се повторно полни навечер“. Противниците на рудниците во Лерисос претеруваат, дополнува тој, иако признава дека и самиот е загрижен за изворите на вода. Единствената грешка која ја стори „Елдорадо“, вели тој, е што не дојдоа веднаш кај нас да ги расчистиме отворените прашања.

А тоа и натаму е случај. На прашање на ДВ, Елдорадо нѐ информираа дека „произведуваат злато и други метали со најдобрите индустриски техники“. Канадската компанија, притоа, профитира од притисокот врз владата во Атина да најде инвеститори, и од лошата состојба на пазарот на трудот во Грција. Дали милијардите инвестиции на крај ќе се исплатат, ќе зависи од тоа дали и кога ќе се расчистат големиот број неодговорени прашања.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми