1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамас веројатен победник на палестинските избори

26 јануари 2006

Иако сеуште нема конечни официјални резултати , владејачкото движење Фатах дава сигнали дека го прифаќа поразот. Имено веќе оставка најави премиерот Ахмед Кореи . Израел и Западот пак со загриженост гледа на евентуалната победа на Хамас што го има означено како терористичко движење .

Фотографија: AP

Претставници на изборната комисија на палестинските територии соопштија дека по пребројувањето на најголемиот дел од гласовите дадени на вчерашните избори, Хамас води пред владејачката организација Фатах, на палестинскиот претседател Махмуд Абас .

Хамас од своја страна веќе се прогласи за победник повикувајќи се на податоците од своите набљудувачи на изборните места.

„ Јас ќе му ја поднесам својата оставка на претседателот Махмуд Абас и Хамас треба да ја формира новата влада “ најави пред околу еден час , шефот на палестинската влада Ахмед Кореи. Ова е досега најсилниот сигнал дека Фатах практично го призна поразот на парламентарните избори .

Инаку Исмаил Ханијех предводникот на листата на Хамас за парламентарните избори рано утрината соопшти дека неговата организација освоила 70 од вкупно 132 места во парламентот , што ќе и овозможи самата да ја формира идната палестинска влада . Тој меѓутоа најави дека Хамас , сака да соработува со останатите палестински фракции. Портпаролот на Хамас пак Сами Абу Зухри порача дека Хамас ќе продолжи со отпорот против Израел а од другастрана ќе се обиде да спроведе промени и реформи на палестинските територии. Токму ваквиот однос на Хамас , и неговата вмешаност во најмалку 60 самубиствени напади во Израел , ја прави неговата победа непосакувана од страна на властите во Вашингтон и Ерусалим .

Вршител на должноста изралски премиер, Ехуд Олмерт, порача веднаш дека нема да преговара со палестинска влада која не се бори против тероризмот. Портпаролот на израелската влада Ранан Гисин пак истакна дека пред воопшто да се размислува за што било Хамас мора да се разоружа и да стане една легитимна политичка партија .

„Израел нема да преговара со ниту една група , што продолжува да поттикнуцва и подржува терористички активности, и која се залага за уништување на израелската држава и еврејскиот народ . Тоа е и во согласност со мировната мапа за Блискиот Исток“ . Сличен став пред објавувањето на изборните резултати во палестина изнесе и американскиот претседател Џорџ Буш. Тоа синоќа го потврди и портпаролот на Белата куќа Скот Меклилан:

„Нашите ставови кон Хамас се јасни и неизменети. Ние не соработуваме со Хамас. Тоа е терористичка организација и во сегашните услови не гледам никаква причина за промена на ставот!„

И ЕУ се огласи со порака по вестите дека Хамас најверојатно ќе биде победник на парламентарните избори на палестинските територии.

„ Унијата е подготвена да соработува со која било палестинска влада , која е подготвена да работи со мирољубиви сретства “ – изјави еврокомесарката за надворешни работи Бенита Фереро Валднер

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми