Хамас и Иран – на масата на ЕУ- министрите за надворешни работи
30 јануари 2006Ројтерс јави дека во предлог-изјавата што денеска во Брисел треба да биде усвоена од страна на шефовите на дипломатии на ЕУ, се вели дека унијата е подготвена натаму да му дава поддршка на палестинскиот економски развој.
Насилството и теророт се неповрзливи со демократијата, треба да стои во изјавата. Британскиот министер за надворешни работи, Џек Стро, изјави:
“Ние бараме Хамас да се откаже од насилство. Исто така, бараме Хамас да ја признае реалноста на решението – две држави, предложено од Советот за безбедност на ОН, и тој ќе мора да соработува со израелската влада. “
Министрите за надворешни работи, имаат намера да побараат од палестинскиот парламент создавање влада која ќе работи на мирно решавање на конфликтот со Израел.
Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмајер, пред почетокот на седницата на шефовите на дипломатиите на ЕУ, изјави дека прашањето на продолжување на финансиската помош на унијата во моментов не се поставува. Клучот на проблемот не е во рацете на ЕУ, туку е кај Палестинците. Нив, Штајнмајер ги повика на откажување од насилство, полагање на оружјето и признавање на правото на егзистенција на Израел.
Вербата дека Хамас ќе се преобрази во мирен партнер за разговори со светот, според претседателот на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Елмар Брок не е толку лесно остварлива:
“Да, Хамас мора исто така јасно да реагира и затоа решавачко барање до новата палестинска влада ќе биде она за полагање на оружјето и признавање на државата Израел. Но, владата ќе треба прво да биде составена, а потоа од нејзе да се бараат одговори.“
Денеска, Исмаил Ханијех, врвен кандидат на Хамас, апелираше до ЕУ да не ја запира финансиската помош за Палестинците и ги повика т.н. Квартет за Блискиот исток да ги продолжи разговорите со Палестинците без претходни предуслови.
Инаку, на средбата на ЕУ во Брисел, денеска треба да се разговара и околу проблемот на Иран и атомската програма. ЕУ и натаму се залага за дипломатија, но притоа сака да го вклучи и Советот за безбедност на ОН. Еврокомесарот Бенита Фереро Валднер, рече:
“Сигурно ќе речеме – натамошни преговори. Но, истовремено ќе заземеме јасна позиција во разговорите во Меѓународната агенција за атомска енергија. И, сакаме да биде вклучен и Советот за безбедност.“
Вечерва, на тема Иран, средба во Лондон имаат претставници на петте постојани земји членки на Советот за безбедност.