Хамас подготвен за разговори со Израел, но одбива откажување од насилство
9 февруари 2006Како натаму треба да се одвиваат работите по изненадувачката победа на радикално-исламската палестинска група Хамас на палестинските парламентарни избори – за тоа во Каиро водечки претставници на таа организација, која на Западот е жигосана како терористичка, три дена разговараа со претставници на египетската влада и на Арапската лига.
„Ние нема да се промениме само затоа што тоа радо би го сакале Израел и САД“ – нагласи политички водач на Хамас Калед Мешал. Според гледањата на Хамас, треба да биде одржан притисокот врз Израел како окупациона сила. „Демократијата не е замена за отпорот“ – вели тој; демократијата била пат за средување на внатрепалестинските состојби. Отпорот, пак, бил пат за спротивставување на долготрајната окупација.
Раководството на Хамас во Каиро исклучи можност за признавање на Израел, наведувајќи како основен предуслов за таков чекор повлекување на Израел од териториите окупирани во 1967-ма година. „Прво треба убијците да ги признаат жртвите. Израел мора нас да не признае, а не обратно“ – рече Машал.
Подршка на ставот на водачите на Хамас даде генералниот секретар на Арапската лига Амр Муса: „Дали е Хамас подготвен да покаже флексибилитет ако Израел демонстрира излегување во пресрет? Не е можно Хамас да направи еден, два... пет компромиси, а Израел секојдневно гради нови населби. Тоа е неприфатливо“.
Хамас во Каиро подвлече дека се стреми кон вклучување на досега владеачкото движење Ал Фатах во идната влада, но го предупреди претседателот на Палестинците Махмуд Абас да не ги пополнува важните места во палестинската автономна власт пред формирањето влада.