1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Флик е нов селектор на германската фудбалска репрезентација

Марко Лангер
25 мај 2021

Ретко кој имаше дилема дали е тоа вистинскиот избор за селектор. Сега е и официјално - Ханзи Флик по ЕП го презема местото на Јоахим Лев.

Champions League Finale 2020 Paris vs Bayern München | Hansi Flick
Фотографија: Imago Images/Panoramic

По Јоги доаѓа Ханзи! Ханзи Флик стави потпис под договорот за селектор на германската фудбалска репрезентација. По Европското фудбалско првенство летово, 56-годишниот Флик, кој во Бајерн Минхен постигна многу повеќе од само титула на првак, ќе ја преземе спортската одговорност за националниот тим.

Договорот на Флик би требало да трае до по завршувањето на ЕП во 2024 година, потврди Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ). Официјално не се знае ништо за финансиските рамковни услови за преминот на новата позиција, за кои се дискутираше интензивно. Бајерн Минхен, досегашен работодавач на Ханзи Флик, според досега недемантирани медиумски извештаи, барал еден вид компензација од ДФБ за сумата којашто морал да ја инвестира за новиот тренер, Јулијан Нагелсман - 25 милиони евра.

Според агенциски извештаи, Флик во ДФБ ќе заработува помалку, но тоа може да го преболи со оглед на тоа што му се отвора нова врата во кариерата.

Според соопштението на ДФБ, Флик чувствува „огромна радост“.

Лев во 2006 година го назначи Флик за свој асистент. Флик ја имаше улогата на селектор на еден натпревар во 2008 година, кога Лев беше казнет од УЕФА во четвртфиналето на ЕП. Со Флик како помошен тренер Германија во Базел ја совлада Португалија со 3:2.

Првите натпревари на местото на сојузен фудбалски тренер Флик ќе ги има во квалификациите за светското првенство во септември, и тоа против Лихтенштајн, Ерменија и Исланд.

Флик како асистент го придружуваше Лев сѐ до триумфот на СП во 2014 година, во Бразил. Потоа стана спортски директор во ДФБ. Во 2017 година изненадувачки си замина оттаму за да направи пауза. Половина година потоа стана раководител во ТСГ Хофенхајм, но тој проект траеше само неколку месеци. Во Бајерн дојде во 2019 година како котренер на Нико Ковач, а по заминувањето на Хрватот од клубот, ја вршеше должноста на преоден тренер. Во периодот потоа Флик постигна неверојатен успех, освојувајќи 7 титули за 18 месеци, меѓу кои и титулата првак во Лигата на шампионите во 2020 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми