1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан жестоко го критикува ВМРО-ДПМНЕ

БГ
9 октомври 2018

Откако владата вчера ги испрати уставните измени во Собранието драматично расте притисокот врз опозициската ВМРО-ДПМНЕ од европските политичари и од нејзината сестринска групација. По ЕПП се јави и Хан

EU Johannes Hahn EU-Kommissar
Фотографија: DW/B. Riegert

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во интервју за австрискиот весник Стандард остро и директно ја критикува македонската опозициска партија, обвинувајќи ја за недемократско однесување, деструктивни ставови и недостаток на демократска зрелост. И првиот човек на европската групација на конзервативни партии, Јозеф Дол им порача на своите колеги од Македонија дека е „разочаран од нивното однесување“.

Во интервјуто за Стандард, Хан вели дека „постојат информации за закани против оние кои сакаат да ја напуштат партиската линија и да ја поддржат владата во парламентот. Стандард го наведува примерот на заменикот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ кој бил сменет од функцијата поради тоа што не го поддржувал партискиот став.

„За една партија која сака да биде проевропска и демократска, тоа е целосно неприфатливо“, вели Хан, додавајќи: 

„Евроатлантската интеграција, која сега конечно преку решението на спорот за името е на дофат, е наведена како цел и на ВМРО-ДПМНЕ. Но во таков случај мора да дејствуваат соодветно и да овозможат реализација на договорот. Се друго е неверодостојно“, оценува Хан.

Тој ја повикува опозициската партија „да се откаже од деструктивниот став и да ги стави интересите на земјата и граѓаните пред сопствените партиски интереси“.
Хан го повторува ставот дека референдумот имал само консултативен карактер, а она што се брои е огромната поддршка за договорот.

„Повикот за бојкот“, вели еврокомесарот, „кој го поддржаа некои во ВМРО- е доказ за недостаток на демократска зрелост“.
Хан вели дека е против предвремени парламентарни избори затоа што тие би можеле да доведат до пробивање на роковите договорени со грчката влада, а притоа и нема гаранција дека актуелната влада во новиот состав на парламентот би освоила двотретинско мнозинство.
„Тоа значи дека сега постои можност која може да се искористи, во спротивно оваа уникатна шанса за решавање на спорот за името и отворање на перспективите ќе се одложи на долг рок или ќе пропадне“.
Доколку една партија го попречи овој договор, кој има историско значење не само за земјата туку и за регионот, од партиски причини, ќе ја сноси целосната одговорност за тоа, вели Хан во интервјуто за Стандард.

Да се спаси Груевски?!

Весникот потсетува дека и германската ЦДУ деновиве го зголемила притисокот врз својата сестринска партија во Македонија, да го смени ставот за Преспанскиот договор.

Стандард оценува дека ВМРО-ДПМНЕ е внатрешно поделена. „Едно партиско крило, кое се уште му е лојално на поранешниот партиски шеф Никола Груевски, се обидува да извлече политички капитал од актуелната состојба и по секоја цена да го спречи одобрувањето на договорот со Грција.

И македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој ги застапува руските интереси, е против промената на името на државата што би водело кон членство во НАТО“, заклучува Стандард.

Кон притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ синоќа се приклучи и претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Жозеф Дол.

Преку својот Твитер профил, Дол порача дека е „разочаран од улогата на опозицијата во процесот досега“ и ја повика на „соработка наместо бојкот“. Тој оценува дека се работи за „важна одлука за иднината на Македонија и на целиот регион во ЕУ и НАТО“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми