1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан му укажал на Груевски дека е загрозена препораката за ЕУ

22 март 2017

Еврокомесарот укажал дека е загрозена европската иднина, а од ВМРО-ДПМНЕ предочиле дека нема стабилен излез од кризата ако се игнорира политичкиот победник кој го претставува најголемиот дел од македонскиот народ.

Mazedonien Johannes Hahn in Skopje
Архивска фотографија, Скопје, 02.06.2015Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Брисел очекува од претседателот Иванов „итно да ја преиспита својата позиција“ , а „во следните денови да види сериозно и одговорно државништво од релевантните институции што ќе овозможи брзо формирање на нова и солидна коалиција“.

Ова е главната порака во изјавата на еврокомесарот Хан и тројцата парламентарци по вчерашните средби во Скопје со лидерите на македонските парламентарни партии. Најдолго, речиси три часа, траеше разговорот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на чиј почеток тој не дозволи снимање и фотографирање, ниту даде изјава по средбата. Детали за она што се разговарало на средбата со еврокомесарот Хан, соопшти Антонио Милошоски во изјава за ТВ „Сител“, оценувајќи ги разговорите „за сите теми и за наметнатата криза“ како важни и отворени. 

Според Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ на комесарот му предочиле дека „нема стабилен излез од кризата ако се игнорира политичкиот победник кој го претставува најголемиот дел од македонскиот народ и други помали етнички заедници“. Притоа ги соопштиле двете решенија што ги предлага партијата за излез од кризата: поддршка на малцинска влада на СДСМ под услов да се откаже од платформата на албанските партии, или истата да ја стави на проверка пред гласчите на нови предвремени избори во пакет со локалните.

 „Втората работа на која укажавме е партизираноста на СЈО, не само кон ВМРО-ДПМНЕ, туку работите отидоа до таму предмет на политички прогон да бидат и медиуми -  ТВ „Нова“, „Канал 5“, „Сител“ и весниците на МПМ“, потенцираше тој.

Ирелевантни условувања

Осврнувајќи се на претстојниот европски Извештај за напредокот на Македонија кој треба да биде објавен во средината на годинава, Хан го отворил прашањето за препораката.

„Беше спомнато дека некои земји во ЕУ не се сигурни дали Република Македонија и натаму треба да ја има препораката за почнување преговори за членство во ЕУ. Бевме целосно отворени и директно кажавме дека Македонија од 2009 година е подготвена да ги почне преговорите, но за жал ги нема започнато, затоа што ЕУ била во неможност да ги оствари како свое ветување и залагање. Какво било дополнително уценување или заканување со тие преговори или со одземање на препораката, станува ирелевантно ако државата од 2009 година чека во редицата затоа што некој решил да ја блокира“, објасни Милошоски што му било одговорено на Хан. 

Oд ВМРО-ДПМНЕ на Хан му предочиле дека „нема стабилен излез од кризата ако се игнорира политичкиот победник кој го претставува најголемиот дел од македонскиот народ и други помали етнички заедници“Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Од партијата потсетиле и на периодот од 2006 до 2008 година кога „биле под силен притисок“ откако влегле во коалиција со НСДП и со ДПА, која тогаш имала помал број пратеници од ДУИ.

„Нашето членство и мнозинството граѓани беа против коалиција со ДУИ затоа што го знаевме нивното минато од 2001 година“, рече Милошоски.

Но, на Хан му објасниле дека „притисокот со кој бил условуван напредокот на РМ, визната либерализација и ред други прашања, резултирал со нови избори во кои бил востановен принципот за коалицирање на победникот во македонскиот со победникот во албанскиот блок“.

„Сега гледаме дека тој принцип се прекршува и напоменавме дека таквиот смислен план - да биде ставена настрана или изолирана мнозинската волја на граѓаните и нејзините политички претставници, односно коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во иднина нема да донесе ниту стабилни решенија, ниту ефикасни институции“, рече Милошоски. Затоа, од партијата побарале ЕУ сериозно да размисли за двете решенија што ги понудила ВМРО-ДПМНЕ.

Прашајте го Иванов!

Според Милошоски, еврокомесарот Хан имал и некои нерасчистени дилеми за надлежностите на претседателот Иванов и побарал објаснување.

„Ние не сакавме да се мешаме во прашања за институцијата Претседател и го упативме еврокомесарот на комуникација со претседателот Иванов“, рече Милошоски, но не се осврна на фактот што токму претседателот ја откажа средбата со Хан, со образложение дека останува на истите ставови соопштени на 10. февруари.

На прашањето од Хан зошто некој го кочи изборот на претседател на Собранието, за што според Милошоски „очигледно еврокомесарот бил доведен во заблуда“, од ВМРО-ДПМНЕ таа заблуда ја расчистиле, одговорајќи му дека „тоа е дел од смислено сценарио на СДСМ за да се одложат локалните избори од првата половина на мај, за во време кога во СДСМ ќе сметаат дека се подготвени да се соочат со народот“.     

Хан предложил дијалогот да продолжи во институциите и дека е добро сите политички актери да ги стават државните интерес пред партиските.

„Тука потполно се согласивме и сметаме дека интересот на Република Македонија, на нашите граѓани и стабилноста на државата, е на прво место“, рече Милошоски, објаснувајќи дека тоа е причината што се подготвени да не учествуваат во власта и да бидат опозиција ако се отфрлат платформи на туѓи држави.  

Опозиција или власт?

Но, ваквиот став е спротивен со главната забелешка на ВМРО-ДПМНЕ: дека не смее да игнорира политичкиот победник кој го претставува најголемиот дел од македонскиот народ, што партијата го потврди и на прашањето што ќе прави во наредниот период.

„На активен начин ќе учествуваме во работата на Собранието, со цел да бидат зачувани стабилноста и унитарноста. Но истовремено, да биде зачуван и гласот на граѓаните. Не можеме да дејствуваме во парламентот на начин  што ќе значи изневерување на мнозинството граѓани, кои гласале на кои политичари повеќе им веруваат, а на кои помалку“, потенцираше Милошоски.

Протестите биле една од темите за кои се разговарало на средбата со еврокомесаротФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според аналитичари, зад „двете понудени решенија“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ всушност се крие пазарење по секоја цена да влезат во широка коалиција, бидејќи „несогласувањето да биде игнорирана волјата на мнозинството од македонскиот народ“, значи токму тоа - да се добие дел од владејачкиот колач, а ваквите позиции партијата се обидува да ги зацементира преку „народни протести“.

А според Милошоски, токму протестите биле една од темите за кои се разговарало на средбата.

„Комесарот Хан изрази загриженост од масовноста на протестите, што може да предизвика дополнителни тензии. На тоа одговоривме дека тензиите не ги произведуваат граѓаните, туку политички партии и можеби странски актери, кои сметаат дека со сила може да наметнат одредени решенија кои ќе го занемарат гласот на народот. Ние може да гарантираме што ќе прават нашите пратеници, но не можеме да гарантираме како ќе се однесува народот“, му одговориле на Хан од ВМРО-ДПМНЕ.   

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми