1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: се понудив да дојдам во Македонија за референдумот

БГ
15 јуни 2018

Комесарот за проширување на ЕУ во интервју за виенски Стандард вели дека решението на спорот за името ќе има големо значење за целиот регион. Подготвен е и лично да го поддржи успешниот референдум

Straßburg Europäisches Parlament Johannes Hahn
Фотографија: EP

„Во септември или октомври ќе има референдум и јас се понудив на лице место да се заложам за договорот. Во земјата имам одредено влијание и подготвен сум истото да го искористам во таа насока“, најавува комесарот на ЕУ, Јоханес Хан во интервју за Стандард.
Притоа, Хан предупредува дека не би било добро референдумот да се врзува за вонредни избори.
„Важно е референдумот да не се меша со предвремени избори, затоа што би можел да биде вовлечен во внатре-партиската борба“.
„Водечките креатори на мислење во земјата- без разлика од која политичка провиниенција- делуваат како да сфаќаат, дека се работи за успех во интерес на земјата и на целиот регион. Затоа сум уверен дека референдумот ќе го добие потребното мнозинство“, вели Хан.

Хан е сигурен дека Македонија ќе добие зелено светло на Самитот на ЕУ на 28 јуни, а потоа на Самитот на НАТО во јули и покана за членство во НАТО.
„Доколку наесен дел од опозицијата се приклучи и се обезбеди дво-третинско мнозинство за измена на Устав врз база на успешниот референдум, грчкиот парламент ќе може да го ратификува протоколот за влез во НАТО“. Хан признава дека не можат целосно да се отфрлат сомнежите дали грчкиот парламент ќе го ратификува договорот, но вели дека е оптимист. 

Пример за регионот

„Единствено сигурно нешто е смртта. Но договорот е добро поставен на хартија. А Ципрас е професионален политичар. Кога Грција ќе биде ослободена од надзорот на ЕУ, ова е добро дополнување. Затоа што договорот е и во интерес на грчките граѓани, тој му носи стабилност на регионот. Од нормалните пријателски односи меѓу соседите, профитираат сите“, вели Хан.

ЕУ комесарот понатаму заклучува дека Македонија може да биде пример за целиот регион, иако речиси три години се наоѓаше во длабока политичка криза.
„Се случи (во 2015 година, н.з.) еден исклучителен настан, имено аферата со прислушкувањето, и граѓанското општество со право беше бесно. Ние веројатно помогнавме ова незадоволство посилно да се артикулира. Луѓето забележаа: имаме европска поддршка. Не сме оставени сами. И секако, поради тоа земјата може да биде пример за регионот“.

Комесарот во интервјуто вели дека не се откажува од идејата и Албанија, во пакет со Македонија, да добие датум за почеток на преговори. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас, на пример, на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Никола Димитров во четвртокот, коментирајќи го отпорот против Албанија во некои земји-членки на ЕУ, рече дека „Македонија не може да биде колатерална штета“ на отпорот против Тирана.

„Уверен сум дека Албанија, со ветер во грб од македонската одлука, може тоа да го постигне. Затоа што шансата за реформи е најголема во текот на преговорите. Убеден сум дека и Франција и Холандија ќе гледаат на ова како на 'чаша полна до половина'“, вели Хан во интервјуто за Стандард.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми