1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Харадинај е поблиску до Хаг отколку до Белград?

Ивица Петровиќ
24 јануари 2017

Сѐ погласно се говори дека Рамуш Харадинај од Франција би можел да му биде испорачан на Специјалниот суд за злосторства на ОВК. Од српското Обвинителство за воени злосторства потврдија дека постои таа можност.

Kosovo ehemaliger Premierminister Ramush Haradinaj UN Tribunal Freispruch Den Haag
Фотографија: Reuters

Документацијата е проследена, секој кажа што имаше, па на српските и на косовските институции за случајот Харадинај им останува само да чекаат. Конечната одлука за судбината на поранешниот командант на ОВК ќе ја донесе францускиот суд. За деталите на дополнителната истрага и натаму се знае малку: во Белград тврдат дека според исказите на 30 сведоци Харадинај е одговорен за 13 жртви, меѓу кои имало и деца. Клучно е што српските надлежни органи инсистираат на злосторства извршени во 1999 година и кои не се разгледувани во Хаг, каде што Харадинај беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства во 1998 година.
Србија очекува од француските правосудни органи да им го екстрадираат Харадинај, вели за ДВ раководителот на Обвинителството за воени злосторства, Милан Петровиќ. Додава дека се собрани солидни докази „иако обвинителот и истражните органи имаат проблем да дојдат на местото на извршените злосторства, бидејќи се работи за Косово и Метохија, каде е ограничен пристапот на нашите правосудни органи.

„Ако треба да се обложам каква ќе биде одлуката на францускиот суд, мислам дека Рамуш Харадинај попрво ќе го екстрадираат во Хаг отколку во Србија“, смета Миливоје Михајловиќ, директор на Радио Белград и долгогодишен известувач од Косово. „Случајот може да заврши со негово ослободување, според моделот на Ејуп Ганиќ, или со негово предавање на Хаг. И тоа на некој начин би било отворање на тој Специјален суд за воени злосторства на припадниците на ОВК. Мислам дека не постои расположение во Франција да ѝ го предадат на Србија“, вели Михајловиќ за ДВ.

Србија не се откажува

Тој смета дека процесот не е политички, бидејќи по „дејствувањето на Харадинај“, Метохија останала „целосно исчистена од Срби“. „Важно е за помирувањето и за вистината за злосторството, како и долгот кон семејствата и жртвите, а негови жртви беа и Албанци, ова да биде чист процес без политика. Бидејќи, во првиот процес против Харадинај во Хаг имаше многу политика, и дури и претставниците на меѓународните мисии на Косово изјавуваа дека очекуваат тој да се врати како невин човек. Таа приказна треба да заврши на суд, и да почне процесот на помирување“.

Обвинителот Милан Петровиќ не ја исклучува можноста, Харадинај да му биде предаден на новиот суд во Хаг и додава дека има добра соработка со тамошниот специјален обвинител Дејвид Швендимен. „Доколку биде испорачан во Србија, ние ќе му судиме. Ќе добие често и фер судење“, вели Петровиќ.

Михајловиќ смета дека апсењето на Харадинај нема да му пречи на дијалогот меѓу Белград и Приштина кој утре продолжува на највисоко ниво во Брисел. „Рамуш Харадинај не е фактор во дијалогот. Носител на дијалогот од албанска страна е Хашим Тачи, а тие двајца на некој начин се политички противници, и апсењето на Харадинај нема да влијае врз тој дијалог“, вели Михајловиќ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми