1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Харизмата на бунтовникот уште живее

24 декември 2009

Руди Дучке беше најхаризматичниот лидер на германското студентско движење во 60-те години. Почина пред точно 30 години. Во ексклузивно интервју за ДВ за тие денови говори неговата сопруга, Гречен Дучке Клоц.

Руди Дучке на 6 март 1968 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Пред повеќе од 40 години, илјадници млади луѓе го избраа елоквентниот и харизматичен Руди Дучке да биде нивниот глас во барањето промени во германското општество.

Бунтот се пренесуваше низ германските улици. Говорејќи од името на Социјалистичката германска студентска унија, Дучке го критикуваше она што неговата генерација го сметаше за недостаток на германското општество и култура: строгите, недемократски реформи кои беа спроведувани во универзитетите и општеството, и хипокризијата со која поранешните нацисти повторно презедоа високо функции во владата, неполни 20 години по Втората светска војна. Неговата сопруга Гречен Дучке- Клоц се сеќава дека тој ги поседувал неопходните особини за да застане на чело на движењето.

„Тој беше многу енергичен и беше загрижен за другите луѓе. Доколку забележеше некого во тешка ситуација, се обидуваше да помогне“.

Клоц, во тоа време, американски студент на пропатување низ Европа, го сретнала Дучке во едно кафуле во Берлин во 1964-та. И тој бил студент на Слободниот Универзитет во Берлин, а една година подоцна му се придружил на студентското движење.

Демонстрации во Франкфурт, февруари 1968Фотографија: AP

Големо незадоволство кај студентите

Дучке и останатите германски бунтовници не беа незадоволни само со состојбата во Германија. Тие се спротиставуваа и на војната во Виетнам и често го извикуваа името на виетнамскиот комунистички лидер Хо Ши Мин на улиците.

„Тој многу ја критикуваше организацијата на општеството. Сметаше дека социјалните и економските структури беа организирани на таков начин што само една мала група луѓе профитира, а голем број луѓе страдаат“.

Дучке не веруваше ниту во комунизмот од советски тип, особено имајќи предвид дека во 1961-та избега од Источна Германија, непосредно пред изградбата на Ѕидот.

Студентите, а Дучке особено, беа под силно влијание на Франкфуртската филозофска школа и на германскиот филозоф Херберт Маркуз, кој ги истражувал авторитарните структури од кои произлегол нацизмот.

„Единствената мисла на студентите од 60-те кои мораа да се соочат со фактот дека нивните родители биле нацисти, беше ’не сакаме тоа никогаш повеќе да се повтори, но што да сториме за да бидеме сигурни. Во суштина мораше да им се стави крај на авторитарните структури, во семејствата, во училиштата, на работното место, во економијата, насекаде...“

Но бунтот имаше и своја цена. Во јуни 1967 година, студентот Бено Онезорг беше застрелан од полицијата за време на протести во Берлин. Мнозинството Германци ги сметаа Дучке и студентите за проблем, а многумина ги мешаа со некои десничарски и терористички групи. Подоцна Дучке беше посочуван и напаѓан од конзервативните медиуми, пред се од весникот „Билд“, што поттикнуваше омраза и насилство кон студентите.

„И тогаш, на Божик 1967 година, Руди беше нападнат во црква. Еден човек со прачка го нападна Руди, а неколкумина други го држеа за да не може да побегне. Тоа се случуваше во црква. Одвратно!“

Дучке со сопругата Гречин и децата Поли и Хозеа во Кембриџ, АнглијаФотографија: picture alliance/dpa

Насилството ескалираше. По ѕидовите беа пишувани пароли „Гасна комора за Руди“. На 11 април 1968, Јозеф Бахман, кој наводно бил симпатизер на крајната десница го застрела Дучке во главата. Студентскиот лидер едвај ја преживеа операцијата на мозокот, а за неговото здравје се грижеа доктори, најпрво во Италија, а потоа и во Англија.

„Причината поради која не се вративме во Германија беше застрашувачката атмосфера во земјата во тоа време. Десничарите ги напаѓаа студентите и велеа дека е вистинска штета што Руди е се‘уште жив. Најавува дека следниот пат сигурно ќе го убијат“.

Природна смрт или...?

Семејството Дучке се пресели во Данска, каде со своите деца живееја од 1971 до 1979 година. Дучке продолжил со студиите и од надвор ја помагал Партијата на Зелените. Цело време имал епилептични напади, иако постепено тие станувале послаби. Но последниот епилептичен напад се случи на Бадник 1979 година, додека Дучке се капел.

„Тоа беше големо изненадување, бидејќи веќе подолг период немаше напади. И да имал нешто, тоа траело по неколку секунди, без поголеми последици и никој не знаеше за тоа“.

Последниве години се шпекулира и за можната вмешаност на тајната источно-германска служба Штази во смртта на Дучке, имајќи предвид дека тој израснал со ДДР.

Прес-конференција во Данска по преселбата во 1971 годинаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Видов во тајните архиви од доцните 70-ти, дека тие верувале оти Руди е на чело на светски заговор за уривање на режимот во ДДР... Јасно е дека тие биле исплашени од него и дека имале интерес да го елиминираат“.

Оставштината на Дучке живее и понатаму во Германија, а оценките се дека тој му помогнал на општеството да се реформира. И Клоц се промени со текот на времето. Порано пишуваше книги, а денес креира интернет игрички за нејзините внуци. Но се уште не ја загуби убеденоста дека на општеството и понатаму му се потребни фундаментални промени.

Автор: Луиза Шефер/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми